Ексклузивни археолошки наоди на трасата на експресниот пат Градско-Прилеп

Ексклузивни археолошки наоди на трасата на експресниот пат Градско-Прилеп

Според законските прописи, кога станува збор за некропола, таа се истражува и сите гробни предмети кои ќе се најдат, се прибираат за просторот да се ослободи за градежните работи.

Ексклузивни археолошки наоди на некропола од првите векови од новата ера ги забави работите на експресниот пат Градско-Прилеп, поточно кај Фаришката клисура. Отриени се три наоѓалишта, од кои две се решени, а археолозите моментално, до 20 октомври, работат на истражувањата на некрополата, на археолошкиот локалитет Гробишта, во месноста Кршла, во непосредна близина на селото Раец.

Според раководителот на проектот Миле Велчовски, надлежен за истражувањата е Националниот конзерваторски центар и во моментот интензивно се работи и се доаѓа до ексклузивни сознанија.

– Станува збор за некропола која, според првичните согледувања и според ритуалот на погребувањето, датира од 3 до 4 век од нашата ера. Врз основа на најдената надгробна стрела која моментално се наоѓа во музејот во Кавадарци, таа е од оној типичен тиквешки тип на стрели каде е прикажан гроздоберот. На оваа површина наоѓаме гробови кои се кремирани и има доста фрагменти од садова керамика и предмети кои се употребувале при самиот ритуал на погребувањето. Во подолниот слој од 40 до 50 сантиметри има друг тип на гробни конструкции и се од типот на инхумација (вкопување на починатите). Според првите сознанија, станува збор за повеќеслојна некропола која може да биде и од постар временски период. Особено зашто, според првичните согледувања на горниот дел, на површината, каде ги пронајдовме вкопувањата со јама и со кремација, може да констатираме дека, за разлика од стелата која ја датираме во 3 и 4 век, овде може да станува збор за нешто поран период, од вториот век од нашата ера. По целосните археолошки истражувања и по дополнителните предмети кои, секако, на оваа некропола ќе ги пронајдеме, ќе може конкретно да кажеме од кој временски период се овие погребувања или оваа некропола. Кога ќе дојдеме до оној слој каде во профилот ги видовме оние гробови кои се од типот на инхумација, кои, најверојатно, според длабочината, се уште постари, тогаш може да имаме целосна слика за начинот на погребувањето и за најраниот можен датум за датирањето на оваа некропола – објаснува Велчовски.

Кога започнала изградбата, немало индиции дека може да се дојде до вакви ископувања и сознанија.

– Иако е рано за констатации, индиции има, зашто таму пронајдовме предмети, и тоа железно ноже, лачна железна фибула, бронзена нараквица. Затоа имаме доста можности да се сомневаме дека може да е некој објект. Но ќе се види со истражувањата. Инаку, местото се наоѓа на стратегиска позиција, има поглед кон долината, што е една индиција дека тука можеби се наоѓа некој објект – вели Велчовски.

Според законските прописи, кога станува збор за некропола, таа се истражува и сите гробни предмети кои ќе се најдат, се прибираат за просторот да се ослободи за градежните работи. Археолозите треба да дадат „зелено светло“ за продолжување на градежните работи.

– Според законските опдредби, додека не се извршат археолошките истражувања и додека ние не дадеме „зелено светло“ преку извештајот што ќе го поднесеме до надлежните институции, градежните работи се стопирани. Ќе се истражува до 22 октомври, прецизира д-р Миле Велчовски, раководител на проектот.

Ѓорѓи Соколовски од надзорот на делницата Фариш – Дреново на патот Градско-Прилеп вели дека при градежните работи наишле на три археолошки ископини кои не биле претходно опфатени ниту со проектната документација, ниту со добиените документи за изведба.

– Ископините зафаќаат поголем дел од траста. Две од нив се решени и остана само едно наоѓалиште каде моментално е присутен Конзерваторскиот центар од Скопје и врши ископувања. За едно од решените археолошки наоѓалишта, археолозите дојдоа и како што се симнуваат слоевите земја при изведбата, евидентираа фрагменти. Другото наоѓалиште е на крајот на стопата од мостот. Таму се најдени неколку гроба-крематориуми од каде се собрани артефакти, парички и предмети од бронза. Сега очекуваме дека ќе ги забрзаме градежните работи – изјави Соколовски.

Извор: Слободен печат

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …