Пишува: Зоран Милошески

На вечерашната седница, членовите на Државната изборна комисија (ДИК) ги отфрлија листите и на Народното движење за Македонија (НДМ).

Информацијата за ПУБЛИКУМ ја потврдија официјални извори од ДИК, од каде рекоа дека се отфрлени сите 7 листи на НДМ. За Одлуката гласале сите 9 членови на ДИК.

Причина за отфрлањето на листите се утврдените големи неправилности во сите 7 кандидатски листи. Несовпаѓање на потписите на предложените кандидати и промена на кандидати без барање од ДИК, се најбројните причини заради кои ДИК ги отфрли листите на НДМ.

Сепак, како посебен куриозитет се издвојува листата во ИЕ 4 каде наместо 20, партијата на Јанко Бачев кандидирала 21 кандидат.

Исто така, во ИЕ 7 наместо 3, предложени се 4 кандидати, од кои едниот кандидат не приложил документи дека е државјанин на Република Македонија, ниту лична карта ниту пак патна исправа, а кандидатот воопшто и не бил евидентиран во Избирачкиот список!

После отфрлањето на листите на СДПМ, НДМ е втората партија чии кандидатски листи ДИК едногласно ги отфрли.