Екстремен студ без греење: борба за опстанок во Киев

Екстремен студ без греење: борба за опстанок во Киев

По прекинот на електрична енергија на 31 јануари на голема територија и уште еден руски воздушен напад во ноќта кон 3 февруари, 1.170 станбени блокови во украинскиот главен град останаа без греење. Надворешната температура пак во истиот период падна и до минус 20 степени Целзиусови. Голем број станбени згради заради  уништувањето на инфраструктурата  од страна на  руската војска,  со недели се без греење и струја.

Висококатница во Киев која беше погодена од руски дрон ноќта на 3 февруари
Висококатница во Киев која беше погодена од руски дрон ноќта на 3 февруари

Некои домаќинства во Киев немаат ниту вода. Градоначалникот на украинскиот главен град, Витали Кличко, ги уверува жителите дека вработените во општинските комунални претпријатија и компаниите за снабдување со струја работат деноноќно за може повторно да ги снабдуваат домаќинствата.

Секојдневие во зграда без греење

Според градските власти на Киев, работници во стотици згради секојдневно се грижат за тоа да вратат вода,  греење и електрична енергија на жителите. Во еден станбен блок во населбата Соломјански парното греење веќе две недели не функционира.

Жена стои завиткана во топла јакна покрај нејзиниот шпорет на гас во кујната
Во куќата на Свјатослава нема греење веќе две недели

Свјатослава живее во зградата. „Носам садови со врела вода во спалната соба“, објаснува жителката на Киев како се справува со студот. Ноќно време облечена од глава до пети си легнува во вреќа за спиење. Преку ден многу време минува во кујната. „Плинскиот шпорет е постојано пуштен, но мора редовно да проветрувам за да не се задушам“, вели жената. Жителите на зградата се среќни што општинските работници успеале на време да ја испуштат водата од системот за греење за да спречат оштетувања од мраз. Еден од водоинсталатерите ги советувал жителите повремено да пуштаат топла вода низ тоалетите за да спречат замрзнување на канализациските цевки.

Луѓето сакаат да истраат

Населбата Тројешчина е најтешко погодена од последиците од руските напади врз енергетските постројки. Таму се поставени армиски шатори и се воспоставени т.н. „точки на непокор”. Во шаторите е топло, има чај и има струја од генератори за полнење мобилни телефони. Една постара жена доаѓа од студениот дом и се жали на заледените улици. „Кога веќе немале време да го исчистат снегот, можеле барем да фрлат малку песок по улиците“, вели таа. Во нејзиниот стан струја има само шест до осум часа дневно, а греење веќе една недела нема. „Невозможно е да се стоплите во станот. Но, добро е што имаме плин, кој може да го користиме за готвење и барем малку да ја стоплиме кујната“, вели таа. Нејзиниот сосед Валери раскажува дека сега им е тешко.

Човек во сива јакна - Валери се загрева во „точка на непокорот“
Валериј се загрева во „точка на непокорот“

„Грееме тули на плински шпорет затоа што не може шпоретот долго да гори – од плинот добивате главоболка и мора да го исклучите“, вели тој. Валериј струја добива од соларен генератор поставен на неговиот балкон и од батерии што ги полни во супермаркет каде што купувал и вода за пиење кога прекинало водоснабдувањето во неговиот стан. И покрај тешкотиите и високите цени на прехранбените производи, луѓето не гледаат решение во капитулација на Украина. „Секако дека има луѓе кои би се согласиле, но мнозинството разбира дека е подобро да се истрае.  Не сакаме да живееме заедно со Русите“,  вели Валериј во однос на општото расположение што владее кај населението.

Жителите преземаат иницијатива

Тетјана, раководител на компанија за управување со имот, чека на полицијата во близина на станбената зграда. Таа сака да преземе мерки против неактивноста на комуналните компании. Според неа, температурата во системот за централно греење изнесува 65 степени Целзиусови кога водата влегува во зградата, а радијаторите во становите се или млаки или мраз студени. „Ја контактиравме компанијата, а тие ни испратија водоинсталатери од приватна фирма. Но, пред да може било што да преземат, дотрча нивниот надзорник, им се развика и ги одведе на друго местo“, раскажува Тетјана.

Тетјана стои на снежен плоштад пред станбена зграда
Тетјана раководи со компанија за управување со имот во Киев

Заедно со соседите Тетјана своерачно ги изолира цевките во подрумот. „Не се обвиткани во стаклена волна, па луѓето ни дадоа стари ќебиња и други топли работи. Сега ќе ги завиткаме изложените делови од цевките и ќе го разгледаме таванот, да не треба и таму да се изолира нешто“, додава Тетјана. Според градските власти, во секој округ има „точки на непокор“. Ирина работи во една од нив, која е поставена во едно училиште во 2022 година. Волонтерката на Црвениот крст вели дека само неколку луѓе доаѓаат преку ден додека повеќето пунктот го користат навечер. „Луѓето се загреваат, добиваат топли напитоци и по нешто за јадење. Социјален работник бележи нивни барања, а ние помагаме. Храната тука се доставува“, објаснува Ирина.

Продоложува наставата со физичко присуство

Људмила Вакуленко, заменик-директор на едно училиште, телефонски го координира поврзувањето на мобилна единица за греење со нејзиното училиште.

Мобилен уред за греење е поставен пред училишна зграда
Мобилен систем за греење за училиште кое чека да биде поврзано

Таа неодамна беше поставена од страна на вработени во комуналното претпријатие. Вакуленко вели дека нејзиното училиште обезбедило три училници за помалите деца, бидејќи нивната градинка моментално нема греење. Покрај тоа, околу 20 работници од комуналното претпријатие се сместени на првиот кат од училиштето. Тие дошле од други градови за да помогнат во Киев. И покрај тешкотиите, наставата продолжува во училиштето, нагласува Људмила Вакуленко. „Децата по празниците на 2-ри февруари се вратија на настава. Постојано имаме наставници на смена, наставата продолжува. Мора да се грижиме за образованието на нашите деца“, вели таа.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Превозниците бараат преодно решение за влез во Шенген-зоната

Превозниците бараат преодно решение за влез во Шенген-зоната

ЕУ и натаму нема решение за професионалните превозници од регионот, кои се соочуваат со сериозни проблеми поради …