Екстремното загадување на воздухот последните денови предизвика надминување на прагот на алармирање за концентрации на ПМ10 кои во текот на два дена биле над 150 микрограми на кубен метар на пет локации во Скопје, Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат. Министерството за животна средина информира дека врз основа на податоците од Државниот мониторинг и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, во главниот град ќе се воведат вонредни мерки според кои ќе се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А и Б Интегрирани дозволи и елаборати, ќе се проверува техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрираните, а ќе се контролираат и градилиштата
Со мерките се забранува горење на отворено, а се препорачува фирмите да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста. Додека траат мерките лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Според податоците од Министерството, среднодневните концентрации на PM10 во Центар претходните два дена биле 151, односно 186 микрограми на кубен метар, а во Фази Баба 156, односно 178 микрограми. Загадувањето во Карпош било 152, односно 180, во Лисиче, 232, односно 266, а во Ректорат 179, односно 186 микрограми.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место