Мерките воведени за време на пандемијата на Ковид-19, поради кои имаше социјална и физичка дистанца, постковид ресоцијализацијата претставуваа проблем за голем број млади, сегашната финансиска, енергетска криза, исто така, претставуваат проблем за младите поради што младите се соочуваат со голем број на тригер фактори кои би можеле да доведат до нарушување на нивното ментално здравје, а не може да се запостави и новиот феномен – влијанието, притисокот на социјалните мрежи – истакна г-а Елизабета Ѓоргиевска која денеска присуствуваше и се обрати на отворањето на Канцеларијата за ментално здравје при Филозофскиот факултет во Скопје.
„И во овие шеснаесет дена активизам во борба против семејно и родово базирано насилство, ќе споменам дека младите секојдневно се соочуваат и со врсничко насилство и со родово базирано насилство, со економска зависност којашто повторно влијае на менталното здравје“, рече г-а Ѓоргиевска додавајќи дека смета дека сето ова треба да се адресира, да се таргетира и да се соочи, бидејќи младите многу ретко зборуваат за тоа, го кријат во себе и една бенигна состојба може многу лесно да ја помине тенката линија и да помине во тешко ментално нарушување и сериозни последици.
Според г-а Ѓоргиевска, центрите каков што е Центарот за поддршка на Црвениот крст и Канцеларијата за ментална поддршка којашто денеска се отвора на Филозофскиот факултет, како и сите институции кои се грижат за менталното здравје, заедно со целиот нивен персонал, психолози, психијатри, педагози, социјални работници, лица коишто работат со рехабилитација, лица коишто работат со лица со атипичен развој, треба заеднички да учествуваат и да придонесат во справувањето со менталните проблеми на младите.
На настанот се обратија Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Мирјана Јовановска Стојановска, претседател на Комората на психолози, Викторија Постоловска, студентски правобранител и Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.
Во Канцеларијата за ментално здравје, дипломираните студенти на Филозофскиот факултет кои имаат лиценца за вршење психолошка дејност ќе работат со средношколци и студенти на унапредување на нивното ментално здравје, додека истата дејност со деца и млади кои се без државјанство, бегалци и мигранти, ќе ја вршат студенти од четврта година на студиите по психологија, социјална работа и специјална едукација.