Енергетски удар од Заливот кон Македонија

Енергетски удар од Заливот кон Македонија

Иако Македонија е географски далеку од конфликтната зона на Блискиот Исток, домашната економија е исклучително чувствителна на глобални енергетски и трговски шокови. Кризата може да предизвика поскапена нафта, зголемени трошоци за енергенси, нарушувања во снабдувањето и нови пазарни притисоци.

Енергетски шокови и поскапувања

Професорот Ванчо Узунов за ДВ вели дека во динамичниот, глобализиран свет ниту една држава не може да се смета за целосно заштитена од вакви геополитички потреси.

„Можно е да се појават неповолни директни и индиректни ефекти врз глобалната, а со тоа и врз македонската економија“, нагласува тој.

Првиот удар, според него, ќе дојде преку цената на енергенсите. „Цената на нафтата веќе покажува знаци на раст, а доколку конфликтот потрае, тоа речиси сигурно ќе продолжи. Со порастот на цената на нафтата ќе поскапат и другите енергенси, бидејќи тие се дел од поврзан ланец“, објаснува Узунов.

нафта
„Со порастот на цената на нафтата ќе поскапат и другите енергенси, бидејќи тие се дел од поврзан ланец“, објаснува Узунов

Што значи ова за граѓаните и компаниите

Таа енергија, додава тој, не само што преставува инпут за производство на кој било производ или услуга, туку и за секојдневен живот на луѓето.

„Тоа значи неминовно поскапување на животот. Македонија нема доволно големи резерви за да може подолг период да ги покрива потребите од домашни извори, па методологијата за калкулирање на цената на нафтата кај нас директно ги следи движењата на светските пазари“, вели професорот.

Поскапувањето на енергијата, додава тој, ќе предизвика раст и на цените на сите други производи. „А, платите нема да растат со исто темпо, ако воопшто растат. Тоа ќе создаде дополнителен економски притисок врз граѓаните, фирмите и државата“.

Има ли можни решенија на краток рок?

На краток рок, Македонија речиси и да нема механизми да се заштити. „Како мала и отворена економија, не можеме да влијаеме на глобалните настани. Единствено што може да се направи е рационално трошење – кратење непотребни расходи и одложување на планирани инвестиции“, додава Узунов. Тоа, сепак, значи дека негативните ефекти може да траат подолго.

„Сите земји од регионот се погодени, бидејќи во моментот нема брзи решенија. Ситуацијата ќе зависи од развојот на конфликтот“, заклучува професорот.

Будно следење на состојбите

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески во изјава за МИА уверува дека, и покрај кризата на Блискиот Исток и можните последици врз македонската економија, нема простор за паника. Тој најавува дека ќе следуваат соодветни мерки за намалување на потенцијалниот удар од растот на цените на енергенсите врз другите производи.

Министерството за економија и труд, заедно со Владата, внимателно ја следи ситуацијата и дека, доколку конфликтот не се прошири, ќе се задржи тековниот тренд на намалување на инфлацијата. „Воениот конфликт во Иран создава сериозни тектонски потреси на светските пазари. Иран е еден од главните глобални производители и дистрибутери на нафта, а ние како мала и увозно зависна економија неизбежно ќе почувствуваме влијание“, истакнува Ристески.

Тој додава дека очекува конфликтот брзо да заврши, но доколку тоа не се случи, Македонија ќе мора да се прилагоди на светските економски политики за да се минимизираат ефектите врз цените на енергенсите и другите производи.

Стравувањата следат откако САД и Израел извршија напади врз Иран, по што Иран возврати со ракетни удари кон Израел, американски бази и неколку држави од Заливот. Како последица, настана сериозно нарушување на воздушниот сообраќај, беа забележани експлозии во Дубаи, Доха и Манама, а дел од воздушните коридори беа привремено затворени.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

СДСМ: Мицкоски молчи за Адамовиќ поради поврзаноста со бизнисот со струја

СДСМ: Мицкоски молчи за Адамовиќ поради поврзаноста со бизнисот со струја

Прес конференција на Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ Антикорупцискиот тим на СДСМ …