На 12 април во Унгарија се одржуваат најважните парламентарни избори од доброволното повлекување на унгарските комунисти од власт во 1989/90 година. На изборите ќе се покаже дали унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот режим ќе може да бидат симнати од власт, или не. За првпат од 2010 година има реална шанса да победи опозициска партија – конзервативната Тиса на противникот на Орбан, Петер Маѓар.
Во Унгарија изборите се сметаат за важен момент во поновата историја на земјата. Истовремено тие се едни од најважните за Европа во последните години и би можеле да одлучуваат за иднината на ЕУ и за влијанието на Русија врз Европа, како и за натамошната судбина на популистичките десноконзервативни сили и десни екстремисти на континентот. По повод изборите, ДВ се осврнува на најважните прашања.
Дали е Орбан диктатор?
Виктор Орбан од средината на 1990-тите години ја трансформираше неговата партија Фидес (во минатото позната како „Сојуз на млади демократи“, денес „Унгарски граѓански сојуз“) во цврсто организирана лидерска партија, во која ништо не функционира контра неговата волја и во која лојалноста спрема него важи за врховно правило.
Откако Фидес ја презеде власта во 2010 година, ист таков развој се отслика и на национално ниво. Орбан во меѓувреме одлучува дури и за најмалите процеси во земјата, независно дали станува збор за санирање на згради, зголемување на пензии или геополитика. Орбан за владини активности зборува во прво лице еднина. „Донесувам закон“; „Ги зголемувам пензиите“; „Се договарам со претседателот“ – Орбан не ги исполнува сите класични карактеристики на еден диктатор, бидејќи Унгарија формално и натаму е парламентарна демократија со слободни избори, но автократ е во секој случај.
Како Орбан ја трансформираше Унгарија?
По првата изборна победа со двотретинско мнозинство пролетта 2010 година, Орбан го прогласи „Поредокот за национална соработка“. Во државниот, административниот и судскиот апарат, како и во јавната администрација, тој спроведе промена на елитите, пополнувајќи ги клучните позиции со нему лојални лица. Унгарија стана ултрацентрализирана држава.

Орбан го ослабна системот на контрола и баланс, а со тоа и можностите за контратежа. Повеќето печатени и аудиовизуелни медиуми – директно или индиректно преку компании и фондации блиски до Фидес – беа ставени под владина контрола, автономијата на универзитетите беше укината, а значителен дел од државниот и јавниот имот беше ставен под контрола на фондации блиски до Орбан. Експерти ја дефинираат Унгарија како „хибриден систем“ меѓу демократија и диктатура.
Зошто многу Унгарци сакаат промена на власта?
Клиентелата на Орбан од горната средна класа има бенефити од неговите економски и даночни политики додека материјалната состојба на многу други Унгарци во изминатите години се влоши. Лошата состојба на јавната инфраструктура, здравството и образованието, како и широко распространетото незадоволство од корупцијата и очигледните случаи на нелегално богатење се дополнителни фактори. Многу Унгарци се и уморни од вербалната атмосфера на граѓанска војна што ја создава Орбан, како апсурдното прикажување на Украина како зло, или неговото постојано оцрнување на сите критичари како непријатели и предавници.
Зошто изборите се толку важни за Европа?
Декларираната цел на Орбан е да го „освои Брисел“ и да ја трансформира ЕУ во унија на политички суверени национални држави кои имаат заеднички економски интереси. Унгарскиот премиер со години подбуцнува против ЕУ и ја парализира со неговото вето и одбивање да поддржи клучни европски и надворешнополитички одлуки. Победа на Орбан би значела дополнително заслабнување на ЕУ, додека промена на власта во Будимпешта би ја зајакнала Унијата.
Зошто изборите се важни за популистите?
Орбан е модел за успех меѓу популистичките десноконзервативни и десноекстремни сили во Европа, а истовремено и нивниот најважен организатор. Никој друг од тој спектар никогаш не освоил двотретинско мнозинство и не владеел толку долго колку него. Никој друг се нема толку вложено за успешно обединување на овој табор во Европа. Така погледнато, исходот од изборите е клучен и за иднината на популизмот во Европа.

Зошто изборите се важни за Русија?
Ниту една друга земја-членка на ЕУ не е толку тесно поврзана со Русија како Унгарија под водство на Орбан. Иако тој се согласи со повеќето санкции на ЕУ против Русија од 2014 година, Орбан постојано се залага за нивно укинување, наметнува исклучоци и од 2022 година колку што може ја блокира поддршката за Украина. Така ја слабее и ја поделува ЕУ – декларирана заедничка цел на Орбан и на Русија. За Москва паѓањето од власт на Орбан би било сериозна загуба.
Дали режимот на Орбан воопшто може да се симне од власт?
По изборите во 2010 година партијата Фидес протурка големи изборни реформи со поголем акцент на принципот на мнозинство, што до денес ѝ обезбедува значителна предност во стартната позиција. Од 199 пратеници, 106 се избираат на директни избори со просто мнозинство. Изборните единици лојални на Фидес се тенденционално помали, што значи дека таму се потребни помалку гласови за избор на пратеник. Така, на последните избори во 2022 година партијата на Орбан освои околу 53 проценти од гласовите, но значително повеќе изборни единици и на тој начин си обезбеди 68 проценти од мандатите во парламентот – апсолутно мнозинство.

Етнички Унгарци од соседните земји кои имаат унгарско државјанство имаат право да гласаат за партиски листи и да учествуваат преку гласање со писмо. Работници мигранти во западноевропските земји, кои генерално се критични настроени кон Орбан, може да гласаат само во амбасади и неколку конзулати, а не по пошта. Унгарските експерти го критикуваат изборниот систем како неправеден. Затоа промена на власта е значително потешко да се спроведе, но сепак е можна.
Дали режимот на Орбан може да ги фалсификува изборите?
Изборни експерти од Унгарија сметаат дека фалсификување на гласовите нема да се случи, бидејќи опозициската партија Тиса организира паралелно броење. Но, можности за фалсификување има со гласачките ливчиња по пошта на малцинските Унгарци од соседните земји. Нивните гласови би можеле да му обезбедат на Орбан еден до два мандати. И распространетата практика на купување гласови во посиромашните региони на Унгарија е актуелно многу дискутирана тема, откако еден документарен филм ја откри таквата пракса.
Што велат анкетите и колку се веродостојни?
Унгарските експерти се сигурни дека кај апсолутно мнозинство гласачи во Унгарија има желба за промена на власта. Независните институти за истражување на јавното мнение повеќе од една година предвидуваат делумно и значајно водство за партијата Тиса. Цифрите сепак само делумно ги одразуваат изборните шанси на директните кандидати во изборните единици. Гласачката база на Фидес – претежно постари лица и пензионери во малите градови и села – не е целосно опфатена во таквите анкети, па тие би можеле да бидат погрешни. Сепак, повеќето истражувачи очекуваат дека Орбан ќе биде симнат од власт.
Што би правел Петер Маѓар по евентуална промена на власта?
Најважните планови и цели на Петер Маѓар и на неговата партија Тиса се промена во курсот на Унгарија спрема Русија и повторно станување на доверлив сојузник на ЕУ и НАТО, но сепак не без ограничувања. Во однос на миграцијата и Украина, Маѓар сака делумно или целосно да ја продолжи досегашната унгарска линија, но без тотална конфронтација во ЕУ.

На внатрешнополитички план Маѓар ветува жестока пресметка со корупцијата и „промена на системот“ со што, меѓу другото, алудира на поправеден изборен систем, ограничување на мандатот на премиерот на два изборни циклуса и нов устав. Орбан и други политичари од неговото опкружување би требало да сметаат на обвиненија за корупција и велепредавство.
Дали Орбан ќе прифати изборен пораз?
Орбан досега не се огласил официјално по ова прашање. Тој само вели дека некогаш победувал, некогаш губел на избори и дека Унгарија е демократија.
Би можело ли да има насилни судири по изборите?
Доколку Орбан прогласи изборна победа, масовни демонстрации се веројатни, а можни се и насилни судири, бидејќи гнев и омраза за режимот на Орбан се широко распространети. Доколку Орбан загуби, од неговиот став и неговиот збор ќе зависи дали неговите поддржувачи масовно ќе излезат на улиците.
Може ли системот на Орбан воопшто да се „расплете“?
Орбан презеде бројни мерки на претпазливост во случај на губење на власта. За многу промени во неговиот систем е потребно двотретинско мнозинство, а многу клучни позиции се пополнети со негов кадар и за претстојните години. Затоа, „дип стејт“ на Орбан лесно би можела да саботира влада која има само просто мнозинство, но дури и со двотретинско мнозинство може да бидат потребни години додека Тиса целосно го трансформира системот на Орбан.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место