Еш: Изневерена е довербата на Балканот во ЕУ

Еш: Изневерена е довербата на Балканот во ЕУ

Неспособноста да се дојде до заедничка позитивна одлука и’ нанесе штета на веродостојноста на ЕУ во регионот и ја изневери довербата која луѓето ја имаа во Унијата, оценува Валеска Еш, експерт за Западен Балкан.

ДВ: По големите очекувања, дојде уште поголемо разочарување за Северна Македонија. ЕУ-самитот не донесе позитивни вести, односно датум за преговори за приклучување, но затоа донесе мешавина од фрустрација и безнадежност. Можеше ли да се очекува ваков исход од самитот?

Валеска Еш: Мислам дека се стравуваше од ваков исход, но јас до последно се надевав дека шефовите на држави или влади ќе можат да постигнат единствен став за отворање преговори за приклучување барем со Северна Македонија. Дека консензус за Албанија ќе биде потежок, веќе се наѕираше. Целиот процес на приклучување се заснова на принцип на кондиционалност и северномакедонската влада ги исполни сите услови за отворање преговори. На владата дури и’ успеа да постигне компромис со Грција во спорот за името, кој со години беше пречка за каков било напредок во ЕУ-интеграцијата. Истото важи и за Албанија – земјата спроведе тешка правосудна реформа и направи исто така голем напредок. Сега е на ЕУ да го награди напредокот и да го направи следниот чекор со тоа што ќе отвори преговори за приклучување.

Австриски „Стандард“ оцени дека „ситуацијата е слична како кога од училиштето ќе биде исфрлен најдобриот ученик“. Скопје е сигурно дека стори се’ за да се добие датум. Името беше променето во интерес на ЕУ-интеграција на земјата. Претседателот Макрон сега зборува за потребата од нова методологија на процесот на проширување и вели дека е потребно уште време. Како го толкувате тоа, што се крие навистина зад неговите зборови?

Со претседателот Макрон се согласувам во делот дека би било важно да се реформира процесот и тој да се направи поефикасен. Секаква реформа на процесот која би ги зајакнала преговорите за приклучување, а пред се’ реформите во земјите, е не само во интерес на ЕУ, туку и во интерес на самите западнобалкански држави. Меѓутоа, според мене, новата методологија на процесот на проширување не е во спротивност со отворањето преговори за приклучување. Србија и Црна Гора се две земји кои веќе преговараат за приклучување во ЕУ и секаква реформа на процесот би требало да важи и за нив. Постојано имаше реформи во процеси кои беа во тек. Не треба да губиме време и треба да се продолжат реформските напори во земјите од регионот во рамки на преговори за приклучување.

Какви последици има одложувањето, некои зборуваат и за кочење, на ЕУ-разговорите со Северна Македонија и Албанија за остатокот на земјите на Балканот?

Мислам дека одложувањето ги зајакнува скептиците во регионот, кои се со став дека ЕУ веќе нема интерес за интеграција на западнобалканските земји. Одлуката, според мене, го слабее принципот на кондиционалност врз кој почива процесот. Неспособноста да се дојде до заедничка позитивна одлука и’ нанесе штета на веродостојноста на ЕУ во регионот и ја изневери довербата која луѓето ја имаа во Унијата. Истовремено, меѓутоа, јасно е и дека оваа одлука не значи и крај на перспективата за приклучување.

Дали, според Вас, самитот по прашањето на проширувањето, беше пораз на канцеларката Меркел и победа на францускиот претседател Макрон?

Не мислам дека на ваков еден самит се работи за победи или порази на одделни политичари. Сојузната влада (германската, н.з) стави јасно до знаење дека се залага за отворање преговори за приклучување и со Северна Македонија и со Албанија и во регионот инвестираше многу. Канцеларката постојано нагласуваше дека интеграција на Западен Балкан во ЕУ е во интерес не само на овие земји, туку во интерес и на самата ЕУ. Тоа што не се постигна единство е повеќе од штета, но не треба да биде причина за кревање раце. Канцеларката Меркел и претседателот Макрон се и натаму согласни дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ. Неединственост има само по прашањето – дали да се отворат преговори за приклучување пред да се направи реформа на процесот. Сега е на Франција да даде конкретни предлози и заедно со европските партнери да најде решенија за процесот на интеграција да може да продолжи зајакнат што е можно побрзо.

Имате ли впечаток дека тежината во ЕУ се поместува во друга насока?

Најголемиот предизвик во врска со отворањето преговори за приклучување, како и кај сите други одлуки кои се носат на ниво на ЕУ, е принципот на едногласност. Нема потреба од преместување на тежината за да се спречат вакви одлуки, потребна е само една земја која нема да биде согласна. Во последно време постојано сме сведоци дека стана потешко постигнувањето согласност во Советот за различни прашања. Намалувањето на бројот на одлуки кои во Советот ќе мора да се носат едногласно, би ја зголемило генерално способноста за одлучување и функционалноста на ЕУ.

Како ја гледате Европа за десет години? И, пред се’, како го гледате Западниот Балкан за десет години? Актуелната ситуација во Европа и светот не остава многу простор за јасна позитивна прогноза, или можеби имате поинаква проценка?

Ако се имаат предвид сите тешки состојби во и надвор од ЕУ, навистина не е лесно да се има преоптимистички поглед кон иднината. Сепак, верувам дека натамашоното зајакнување на европската соработка, како и интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ е во интерс на сите членки. ЕУ мора да ја подобри својата реакција на предизвиците во и надвор од своите редови. Една од најголемите земји членки веројатно конечно ќе ја напушти ЕУ на крајот од месецот. Тоа ЕУ прво мора да го „свари“. Истовремено, има низа кризи на надворешните граници на ЕУ кои се’ уште не се решени. И трансатлантските односи знаат за подобри времиња од овие, а и подемот на Кина со себе носи предизвици. Меѓутоа, ЕУ и во минатото успеваше да излезе зајакната од кризите. Што се однесува до Западниот Балкан, шесте земји географски не се на периферијата, туку среде ЕУ. Тука ништо нема да се промени. Затоа, во интерес на ЕУ е да ги зајакне овие земји и да ги прими во своите редови. Самитот од претходните денови не стави крај на ЕУ-перспективата на регионот. Сега ни е итно потребен зајакнат процес на приклучување и мора да се врати повторно загубената доверба на двете страни. ЕУ мора да ја врати довербата дека реформските процеси навистина ќе доведат до одржлива трансформација на земјите, а регионот да ја врати довербата дека ЕУ го одржува дадениот збор. Ако тоа ни успее, уверена сум дека ЕУ за десет години ќе биде побогата барем за дел од земјите од Западен Балкан.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …