ЕУ ги пренасочува парите кон најуспешните од Западен Балкан

ЕУ ги пренасочува парите кон најуспешните од Западен Балкан

Европската комисија подготвува пренасочување на средства од Планот за раст за Западен Балкан кон земјите што покажуваат најголем напредок во реформите. Според информации на „Еуроњуз“, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се меѓу најуспешните корисници на европската финансиска поддршка.

ЕУ подготвува пренасочување на пари кон најуспешните земји од Западен Балкан

Планот за раст за Западен Балкан беше воспоставен во 2024 година со цел финансиски да ги поддржи земјите-кандидатки во спроведувањето на реформите што ги бара Европската Унија.

Инструментот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и располага со вкупно 6 милијарди евра. Неговата цел е да го забрза економскиот раст и да придонесе за значително приближување на економиите од Западен Балкан кон ЕУ.

Според податоците на Европската Комисија, досега се исплатени околу 673 милиони евра, а најголемиот дел од средствата се насочени кон три земји – Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.

Неодамна еврокомесарката за проширување Марта Кос најави дека Европската Унија во наредниот период ќе одобри речиси 200 милиони евра за Северна Македонија, Албанија и Црна Гора поради напредокот во спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.

Урсула фон дер Лајен, 28.03.2019
ЕУ ги пренасочува парите кон најуспешните од Западен Балкан

Северна Македонија меѓу најуспешните во спроведувањето на реформите

Според оценките на Европската комисија, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора бележат најголем напредок во реформите и во приближувањето кон Европската Унија.

Од друга страна, Босна и Херцеговина, Косово и Србија заостануваат во исполнувањето на преземените обврски.

Правилата на инструментот предвидуваат дека земјите мора да ги реализираат договорените реформски чекори во утврдените рокови. Во спротивно, Европската комисија може да го задржи или целосно да го пренасочи предвиденото финансирање.

„Како што нагласува регулативата, кога реформските чекори не се исполнети и ќе истече предвидениот грејс-период, соодветните средства може да бидат прераспределени меѓу другите корисници“, вели портпарол на Европската Комисија за „Еуроњуз“.

Според европски претставници, најголем дел од евентуално пренасочените пари би можеле да завршат во земјите што покажуваат најдобри резултати во реформскиот процес, меѓу кои се и Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.

Владата и амбасадорите на ЕУ разговараа за реформската агенда

Веста следи откако Владата деновиве имаше работен брифинг со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, посветен на реализацијата на Реформската агенда и европските интеграции на Северна Македонија.

„Заеднички ја потврдивме важноста од континуирана соработка, транспарентен дијалог и ефикасно спроведување на реформите што ќе придонесат за посилни институции, подобро владеење и забрзување на европскиот пат на Македонија“, информираше премиерот Христијан Мицкоски. 

Тој неодамна од собраниската говорница изјави дека соседна држава-членка на Европската Унија преку дипломатски канали лобира за Северна Македонија да остане без европски фондови и финансиска поддршка. Според него, целта е да се забави развојот на државата и да се создадат економски притисоци.

„Ако ЕУ ѝ помага на Македонија, Македонија ќе напредува. Затоа нивната теза е дека ако нема европски фондови за земјава, тогаш таа ќе дојде пред банкрот, ќе биде приморана да клекне и да моли, а на тој начин да се реализира тоа што се бара од неа“, изјави Мицкоски. Тој посочи дека информациите ги добил за време на неодамнешни билатерални и мултилатерални средби со високи странски претставници, но не откри за која држава станува збор.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Не вдишувајте! Како чадот од шумски пожар „влијае на целото тело“?

Не вдишувајте! Како чадот од шумски пожар „влијае на целото тело“?

Истражувачите почнуваат да го разбираат долгорочното влијание на изложеноста на чад од шумски пожари врз здравјето на …