ЕУ ќе не’ прими, дали ние ќе влеземе?

ЕУ ќе не’ прими, дали ние ќе влеземе?

Пишува: Сотир Габелоски

ЕУ, сега повеќе од било кога во изминатите години, е подготвена да не’ вклопи во своето членство. Неформалните лидери на Унијата сега се подготвени, но дали тоа ќе остане така после изборите на ниво на ЕУ и изборите во Франција кои ќе се случат по брзата одлука на Макрон – можеби не.

Минатата недела одржавме тридневен Регионален форум на Меѓународниот Републикански институт со алумни и членови на Институтот за напредно политичко лидерство (АЛПИ) од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. На вториот ден во еден дел разговаравме за моменталните состојби со интеграцијата н земјите од Западен Балкан во ЕУ.  Една од заканите е растот на екстремните партии, особено десницата, што се докажа по европските избори кои се случија од 6-ти до 9-ти јуни.

Од друга страна, Македонија имаше грчко вето, па откако мислевме дек сите препреки ги надминавме, се случи бугарско вето. Имаше одредени толкувања дека тоа сепак е форма на француско или холандско вето, како најскептични кон Македонија и Западен Балкан. Ако од умерени партии и политичари, како претседателот на Франција Емануел Макрон, добивавме вето, тогаш што ни’ менува нас доколку екстремната десница завладее во овие држави?

Ова прашање го поставив после кратко двоумење. Добив одговор, од луѓе кои многу подобро ги познаваат работите и живеат и функционираат во држави како Франција и Италија. „Сега е времето да се споите со земјите од ЕУ и да станете членка. Крајната десница напредува и тоа не оди во прилог на интеграцијата на Западен Балкан, а сегашните лидери се целосно отворени за проширување“, гласеше одговорот кој го добив.

Нема поинаков начин за да го разбереме ова освен да ги решиме прашањата кои се услов во моментов за продолжување на преговорите. И покрај тоа што граѓаните на Македонија за најголем непријател ја сметаат Бугарија, малцинството треба да стане дел од Уставот токму онака како што е договорено, без запирки и фусноти. Затоа што во спротивно, особено по неочекуваната одлука на Макрон да свика избори во Франција, иднината е толку нејасна, па дури и опасна ако сите овие повици и толкувања на состојбата не ги земеме за сериозни.

Овој текст не е да убедувам некого или оправдам нешто. Бугарското вето е неправда, дури можеби и поголема од случајот со Грција. ЕУ не си достои на зборот, а ние потрошивме две години зборувајќи за „Бугари во устав“ и сите други полиња ги запоставивме. Криви сме за се, особено политичките елити кои до вчера беа на власт. Сегашните, пак, уште недојдени зборуваат за задолжувања, а прашањето за интеграција не е им е во прв план, барем не според комуникацијата во првите денови по изборите.

Опасен е периодот кој што следи, мене ми побудува стравови и затоа така го опишувам. Да преземеме чекор и да продолжиме напред, оти тоа ни е единствената шанса. Без фусноти, без запирки, да ги интегрираме тие неколку малцинства во Уставот и со тоа да си го исполниме својот дел од договорот. Враќањето одново на Преспа и чекање на стабилна власт во Бугарија за нас е рамно на буниште. Буниште со многу ѓубре, отпад кој гори и шири чад кој ја загадува цела животна средина.

Прочитајте повеќе

59

59

Пишува: Сотир Габелоски После Фросина, не очекував дека повторно и толку скоро ќе пишувам за …