ЕУ планира нов електронски систем за влез во Унијата

ЕУ планира нов електронски систем за влез во Унијата

Со цел подобро да се контролира нерегуларната миграција, ЕУ сака да го отвори патот за нов електронски систем за влез во Унијата. Претставниците на Европскиот Парламент и владите на земјите-членки во Брисел се согласија за постепено воведување на таканаречениот Систем за влез/излез (ЕЕС).

Во иднина, системот автоматски ќе евидентира кои граѓани од земји кои не се членки на ЕУ влегуваат или излегуваат од земја-членка на Унијата – користејќи биометриски податоци како што се отпечатоци од прсти и слики од лицето. Со новиот систем за влез би требало подобро да се контролира нерегуларната миграција и да се отежнат измамите со идентитет. Базата на податоци, меѓу другото, би требало да покажува дали луѓето престојуваат во Шенген-зоната подолго од дозволеното. Во иднина, земјите-членки треба да можат да пристапат до податоците за патување и статусот на престој на државјаните на трети земји во реално време.

Дигитален премин со преодна фаза

За воведување на системот е планиран период од шест месеци. Во текот на првите два месеца, на државите ќе им биде дозволено да го работат системот без биометриски податоци. Од третиот месец натаму, најмалку 35 проценти од граничните преминувања треба да се вршат преку новиот систем. Целосниот премин кон новиот систем треба да се изврши најдоцна по шест месеци. Дотогаш дополнително ќе се продолжи со рачно ставање печати во документите. Надлежниот еврокомесар, Магнус Брунер, нагласи дека системот за влез треба да помогне во затворањето на постојните празнини. „За првпат, ќе имаме целосни, сигурни информации во реално време за тоа кој влегува и излегува од Шенген зоната“, соопшти тој.

Конкретен датум за почеток на новиот систем сè уште не е одреден. За тоа, според соопштението од ЕУ, е потребна посебна одлука на Европската Комисија. Договорот што сега е постигнат сè уште треба формално да биде потврден од Советот на ЕУ и Европскиот Парламент.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Северна Македонија има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми, а се провлекува и проблемот со недостиг …