ЕУ планира прв центар за депортации надвор од Унијата
Drehscheibe Köln/Bonn Airport - Ankunft Flüchtlinge 27. September 2015

ЕУ планира прв центар за депортации надвор од Унијата

Правно се спорни, скапи и предмет на жестоки дебати. Со години Брисел се занимава токму со идејата за центри надвор од  ЕУ  за депортации на лица чии барања за азил се одбиени. Досегашните обиди пропаѓаа од правни причини, но т.н. „петорка“ –  Грција,   Германија,  Австрија, Данска и Холандија – очигледно смета дека таквите пречки сега се надминати. Во интервју со грчката ТВ АНТ1, грчкиот министер за миграција Танос Плеврис изјави дека првиот од овие „центри за враќање“ треба да започне со работа уште во втората половина на 2027 година што се совпаѓа со преземањето на ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ од страна на Грција. Според министерот, веќе има согласност за тоа од една африканска земја-партнер, но Плеврис не наведе за која земја станува збор. Дипломатските кругови и медиуми блиски до ЕУ ги споменуваат Руанда или Уганда, како и Узбекистан во Централна Азија како можни локации.

Не се работи за затворени прифатилишта

Плеврис изрично нагласи дека притоа не се работи за затворени притворски центри во кои се обработуваат барањата за азил, туку за специјализирани центри за враќање на лица чии барања за азил се веќе одбиени. Планот предвидува „отворени објекти“ додека се прават подготовки за конечното враќање на одбиените  баратели на азил  во нивните земји на потекло.

За да се избегнат правни процеси за кршење на човековите права, одговорноста за овие лица ќе остане кај петте земји од ЕУ, кои се дел од проектот, наместо кај африканската земја-партнер. Покрај тоа, „петорката“ самата го финансира целиот проект.

Планиран е и надзор на операциите од страна на меѓународни организации како Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) или Агенцијата на ОН за миграција (ИОМ) за да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди за човекови права и принципите на меѓународното право.

Неколку неуспешни обиди

Во изминатите години имаше повеќе обиди за префрлање на постапките за азил или депортации во земји надвор од ЕУ. Ниту еден од овие модели не функционираше како што беше замислен и сите пропаднаа од правни причини, заради промена на власта или пак заради астрономските трошоци. Некои од најпознатите примери:

Британскиот „модел Руанда“ (2022–2024)

За време на конзервативната влада на Борис Џонсон, подоцна и под водство на Риши Сунак, Обединетото Кралство се обиде трајно да ги префрла со авион мигрантите кои нелегално дошле во земјата преку Ламанш во Руанда, каде што требаше да се спроведуваат нивните постапки за азил.

Врховниот суд на Обединетото Кралство го прогласи планот за незаконски, наведувајќи дека Руанда не е докажано безбедна трета земја и укажувајќи на ризикот бегалците да бидат депортирани во нивните матични земји, каде што би биле изложени на закана од прогон. По изборната победа на Лабуристичката партија во јули 2024 година, премиерот Кир Стармер официјално изјави дека проектот е „мртов и закопан“. Претходно, британската влада плати околу 700 милиони фунти средства од даночните обврзници за договорот со Руанда, а за возврат само четири лица беа доброволно преселени во Руанда.

Италијанскиот модел со Албанија (од 2024 година)

Под водство на десничарската националистка Џорџија Мелони,  Италија склучи договор со Албанија за префрлање на мигрантите  пресретнати во Средоземното Море директно во центри под италијанска управа, изградени во таа земја.

На овие локации во  Албанија,  според планот, требаше да се спроведуваат забрзани постапки за азил. Сепак, непосредно по отворањето на камповите, италијанските судови го стопираа префрлањето на мигрантите бидејќи судиите оценија дека земјите на потекло, како Бангладеш или Египет, не може генерално да се класифицираат како „безбедни“ доколку одредени групи се соочуваат со закана од прогон. Првите мигранти веднаш мораше да бидат вратени во  Италија.  Земјата од тогаш еден од камповите го пренамени исклучиво во центар за депортација на мажи чии барања за азил во Италија биле конечно одбиени. Досегашниот биланс од пренамената во март 2025 година, брои само околу 500 лица што е силен контраст со проценетите вкупни трошоци кои надминуваат 670 милиони евра до 2028 година.

Еднострани иницијативи на Данска (2021–2023)

Во 2021 година Данска донесе закон со кој се предвидуваше барателите на азил со авион да се префрлаат во трети земји надвор од ЕУ. Копенхаген водеше интензивни преговори со Руанда за воспоставување сопствен прифатен центар таму. Но, ЕК и организациите за човекови права остро го критикуваа овој потег. На почетокот на 2023 година данската влада ги замрзна преговорите со Руанда откако беше увидено дека таквиот план тешко може да се спроведе еднострано, како од правен, така и од логистички аспект. Данска до денес се обидува да го реализира овој концепт, но во соработка со други земји од ЕУ.

Нова правна рамка

Според претходната правна рамка на ЕУ, депортациите во трети земји често не успеваа бидејќи судовите бараа мигрантите да имаат лична поврзаност со третата земја, било преку познавање на јазикот, роднини што живеат таму или претходен престој. Сепак, новите прописи во  европското право за азил  сега овозможуваат депортирање на поединци кои се должни да ја напуштат ЕУ во земји во кои претходно никогаш не биле, под услов да постои договор за тоа со соодветната трета земја. За ваквата заедничка иницијатива правна основа е и  Регулативата на ЕУ за враќање, за која беше постигнат политички договор во јуни 2026 година и која беше одобрена од Европскиот парламент. Сепак, таа сè уште бара формално усвојување од страна на Советот. За разлика од претходните мерки, кои беа директиви, оваа регулатива на ЕУ е закон и важи за сите земји кои учествуваат во неа. На тој начин регулативата за прв пат воспоставува унифицирана правна рамка на ниво на ЕУ за ваквите центри за враќање. Покрај тоа целиот процес на азил веќе нема да се префрла на земји надвор од ЕУ. Наместо тоа, „центрите за враќање“ треба да служат исклучиво како транзитни точки за поединци чии барања за азил се конечно одбиени, а кои ќе бидат финансирани и контролирани од земјите на ЕУ.

Недостаток на контрола и огромни трошоци?

Заговорниците на концептот се надеваат дека ова ќе ги поткопа основите за судски спорови поврзани со човековите права и трајната заштита преку азил. Критичарите како што се „Лекари без граници“ и „Амнести интернешнал“, сепак се сомневаат дека во овие центри може доследно да се гарантираат независна контрола, ефективна правна помош и медицинска нега, а стравуваат и дека третите земји на крајот би можеле да ги депортираат луѓето во нивните небезбедни матични земји без соодветна проверка. Досегашното искуство покажува и дека изградбата и обезбедувањето на ваквите центри, како и транспортот на вклучените лица, често чинат стотици милиони евра, а ефектот е враќање на само мал број луѓе.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

СДСМ: Скандал кој Јаневска и ДПМНЕ го кријат - ученици однесени во казино во Монте Карло за да се коцка директорката

СДСМ: Скандал кој Јаневска и ДПМНЕ го кријат – ученици однесени во казино во Монте Карло за да се коцка директорката

Прес-конференција на Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ Денеска објавуваме …