Војната во Украина го врати прашањето на проширувањето на врвот на агендата на ЕУ. Додека Брисел сигнализира дека Црна Гора би можела да стане следната членка, во Унијата и натаму постојат длабоки поделби. Некои земји инсистираат дека прво ЕУ мора да се реформира. На маса се бројни предлози.
„Проширувањето е приоритет за ЕУ и ако нашите кандидати го исполнат тоа што се бара од нив, тогаш и ние мора да го исполниме нашето ветување“, изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата.
Како доказ дека ЕУ од зборови преминува на дела, Кос наведе дека за првпат по 17 години е формирана работна група за изработка на договор за пристапување – овојпат со Црна Гора.
„Нема појасен сигнал дека ЕУ ја гледа Црна Гора како своја следна членка“, изјави за ДВ, Страхиња Суботиќ, истражувач во Центарот за европски политики (ЦЕП) во Белград. „На примерот на Црна Гора, Унијата покажува дека проширувањето не е само реторика“, додава тој.
Прво реформи, па потоа проширување?
Руската инвазија во Украина го врати проширувањето во центарот на европската политика. За многу земји-членки, прашањето за евроинтеграциите стана клучно во разговорите за безбедноста и меѓународната положба на Унијата.
„Геополитичката потреба од проширување ја препознаваат сите земји-членки“, вели за ДВ Стивен Блокманс, истражувач во влијателниот тинк-тенк Центар за европски политички студии (ЦЕПС) со седиште во Брисел. Но, тој додава дека дебатите за проширувањето станаа неразделни од расправите за реформи на самата ЕУ, прашање по кое земјите-членки и натаму се поделени.
Блокманс забележува дека поединечни земји се традиционално поскептични во однос на проширувањето, особено Франција, која долго време инсистира дека прво самата ЕУ мора да го реформира сопствениот систем на управување и носење одлуки, пред да прифати нови членови. Од друга страна, земјите од источното крило на ЕУ се залагаат за забрзано членство на Украина и Молдавија, додека поддржувачите на проширувањето кон Западен Балкан сметаат дека регионот предолго „чека во предворјето на ЕУ“.

Нови модели на маса
Додека ЕУ се обидува да балансира меѓу геополитичката итност и внатрешниот скептицизам, во Брисел сѐ повеќе се расправа за тоа дали традиционалниот модел на проширување е сè уште одржлив. Еврокомесарката Кос признава дека ЕУ и натаму користи методологија развиена пред четири децении и дека на маса се предлози за реформи.
„Со земјите-членки сега разговараме дали принципите на постепена интеграција, кои моментално ги користиме главно во областа на заедничкиот пазар, може да се прошират и на други области, особено во безбедноста“, наведе Кос.
Идејата за „фазно пристапување“ или „постепена интеграција“ подразбира дека земјите кандидати постепено добиваат пристап до политиките, фондовите и институциите на ЕУ пред полноправното членство.
„Идејата настана од фрустрацијата поради недостатокот на напредок во процесот на проширување за земјите од Западен Балкан“, вели Стивен Блокманс, еден од авторите на предлогот. „Предлозите се засноваат на идејата земјите да добиваат конкретни придобивки порано во процесот, во замена за реформи“, објаснува тој.
Овие идеи веќе се дел од мејнстримот, иако понекогаш се фрлени во сенка од многу поамбициозни идеи, потсетува Блокманс. Меѓу нив е предлогот за т.н. „обратно проширување“, поддржан од украинскиот претседател Володимир Зеленски и делови од ЕК, според кој земји како Украина прво формално би се приклучиле на ЕУ, а дури потоа би ги завршиле реформите. Но, земјите-членки брзо ја отфрлија идејата.

Ветото веќе не е табу
Меѓу контроверзните предлози кои актуелно кружат во Брисел е идејата за привремено ограничување на правата на вето на новите членки. Предлогот развиен од Центарот за европски политики со седиште во Белград, веднаш наиде на критика дека на тој начин се создаваат членови од втор ред.
Еден од авторите на предлогот, Страхиња Суботиќ, за ДВ вели дека целта на предлогот е смирување на веќе скептичните земји-членки кои се плашат дека проширувањето би можело да ја парализира ЕУ. „Се плашевме дека заморот од проширувањето би можел да доведе до ситуација во која ЕУ веќе нема да биде подготвена да прифати повеќе од еден или двајца кандидати“, вели Суботиќ за ДВ и додава дека „најлошото сценарио би било земјата да ги спроведе сите реформи, а портите на ЕУ сепак да останат затворени“.
Тој смета дека ограничувањата би можеле да бидат временски и содржински: „Може да се однесува само на една или две области и не нужно на ист начин или времетраење за секоја земја кандидат“, вели Суботиќ.
Блокманс смета дека правно таквиот механизам би можел да се вгради во претпристапните договори. Политички прашањето сепак останува многу чувствително, бидејќи се однесува на суверенитетот и еднаквите права на земјите-членки, додава тој.
Неколку земји од Западен Балкан веќе сигнализираа подготвеност за таков модел. Албанија, Босна и Херцеговина и Србија рекоа дека би прифатиле привремени ограничувања на правото на вето доколку тоа би го забрзало членството.
Црна Гора не сака одложувања или преодни аранжмани. Аналитичарите сметаат дека таа веројатно ќе биде последната земја што ќе влезе во ЕУ според актуелните правила и пред да се случат посериозни институционални реформи на Унијата.
Стивен Блокманс и Страхиња Суботиќ, пак, сметаат дека пристапувањето на Црна Гора би можело да послужи како тест за нови механизми за кои денес се расправа во Брисел.
Суботиќ очекува ЕУ преку пристапниот договор за Црна Гора ќе воведе посилни механизми за надзор отколку во претходните кругови на проширување, особено кога станува збор за владеењето на правото и уназадување на демократијата. „Може да се очекува Црна Гора да стане заморче за тестирање на границите на преодните аранжмани и заштитните клаузули“, смета и Блокманс.
Тој додава дека договорот за пристапување, кој е во подготовка, би можел да стане шаблон за идните проширувања. Зашто, додека Брисел ги пишува правилата за влез на Црна Гора, всушност се подготвува за многу поголем предизвик: „Главната дебата денес се води всушност за пристапувањето на Украина“, заклучува Блокманс. „Се работи за земја во војна и за голема држава која би имало огромно влијание врз начинот на кој се управува со ЕУ, распределбата на европските пари, но и врз положбата на сите други земји-кандидатки“, вели тој.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место