Александар Вучиќ

ЕУ внимателно ја следи ситуацијата во Србија и повикува на деескалација пред протестот на 15 март

По повод најавениот голем митинг во Белград на 15 март, за кој претседателот на државата предвидува „големо насилство“ и најавува апсења, Европската Унија порача дека темелните вредности „се во сржта на нашиот заеднички европски проект и треба да се почитуваат“.

„Ова важи и за слободата на собирање како основно право“, се вели во одговорот на прес-службата на ЕУ за Радио Слободна Европа.

Се додава дека учеството на граѓаните игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество, вклучително и промовирање на транспарентност и одговорност.

„ЕУ постојано повикува на деескалација на тензиите, преку воспоставување услови за инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително политичките актери, институциите и членовите на граѓанското општество, со цел да се решат реформите неопходни за иднината на Србија во ЕУ“, соопшти Брисел.

Претставниците на ЕУ потврдуваат дека внимателно ја следат актуелната внатрешно-политичка ситуација во Србија и големата мобилизација на студенти и други групи.

Запрашани да ги коментираат наводите на претседателот Вучиќ дека Западот стои зад „обоената револуција“, како што ја нарекува мобилизацијата на студентите и граѓаните во Србија, претставниците на ЕУ потсетуваат дека „на дезинформациите и политичката реторика, вклучително и против ЕУ и земјите-членки, немаат место на патот кон интеграција во ЕУ“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Лавина реакции за ПР злоупотреби на трагедијата во Кочани

Лавина реакции за ПР злоупотреби на трагедијата во Кочани

Посетите на политичарите на болничките соби, каде што се лекуваат тешко повредените од пожарот во …