Европските лидери му искажаа поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски, по неговата конфронтација со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Белата куќа.
Зеленски отпатува во Вашингтон за да потпише важен договор за ретки минерали со Трамп и да побара континуирана поддршка од САД за борбата на неговата земја против Русија, која започна инвазија на Украина пред нешто повеќе од три години.
Но, состанокот заврши ненадејно, без натамошни разговори за потпишување договор, откако Трамп и Венс го обвинија Зеленски за непочитување на Соединетите Американски Држави, бидејќи Зеленски бараше безбедносни гаранции за заштита од какви било идни обиди за инвазија од страна на Русија.
Рубио бара од Зеленски да се извини
Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио подоцна го повика Зеленски да се извини за инцидентот.
Украинскиот претседател треба „да се извини што го трошевме нашето време за состанокот што заврши на начинот на којшто заврши“, изјави Рубио за телевизијата Си-Ен-Ен.
Тој, исто така, искажа сомнеж дали Зеленски навистина сака мир.
„Почнувате да сфаќате дека можеби Зеленски не сака мировен договор. Тој вели дека сака, но можеби не сака, и дека активното, отворено, поткопување на напорите за постигнување мир е длабоко фрустрирачки за сите инволвирани“, рече првиот американски дипломат.
Зеленски досега не се извини, велејќи за Фокс њуз: „Не сум сигурен дека направивме нешто лошо“. Тој, сепак, рече дека би сакал расправијата да не се случела пред присутните новинари.

Средбата го менува погледот на сојузниците кон САД
Рејчел Ризо, висока соработничка во тинк-тенкот Центар за Европа на Атлантскиот совет, за ДВ изјави дека средбата ќе ги наведе европските лидери да се запрашаат каков сојузник би можеле да продолжат да бидат САД.
„Мислам дека американските сојузници и партнери, особено по посетите на високо ниво од администрацијата на Трамп во Европа во последните неколку недели, навистина отвораат прашање каков партнер се САД“, изјави таа за ДВ.
„Ова ќе создаде сценарио во кое долгогодишните сојузници и партнери сега ќе се свртат кон земјите надвор од САД и мислам дека тоа ги ослабува САД на глобалната сцена“, додава Ризо.
Шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас, поранешна премиерка на Естонија, е на исто мислење: „Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. На нас, Европејците, е да го прифатиме овој предизвик.“
„Ќе ја засилиме нашата поддршка за Украина за да можат да продолжат да се борат против агресорот.
Европските лидери го фалат Зеленски
Набргу по конфронтацијата во Белата куќа, лидери од цела Европа на социјалните мрежи ја изразија својата поддршка за Зеленски.
Германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц оцени: „Никој не сака мир повеќе од Украинците“, додека германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц, веројатниот наследник на Шолц по победата на неговата партија на изборите минатата недела, објави: „Ние сме со Украина во добри времиња и во времиња на тестирање. Никогаш не смееме да ги мешаме агресорот и жртвата во оваа страшна војна“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така го посети Трамп оваа недела, на X објави: „Постои агресор: Русија. Има народ кој е нападнат: Украина“. Макрон додава: „Почит до оние кои се борат од почетокот. Затоа што се борат за своето достоинство, својата независност, за своите деца и за безбедноста на Европа.“
Меѓу оние кои го додадоа својот глас во хорот на европска поддршка за Украина беа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и британскиот премиер Кир Стармер, полскиот премиер Доналд Туск и шпанскиот премиер Педро Санчез.
Стармер ќе биде домаќин на лидерска средба во недела
Во меѓувреме, Стармер разговараше со украинскиот и американскиот претседател веднаш по нивниот жесток разговор во Овалната соба.
Портпарол на британскиот премиер рече дека со нетрпение очекува „во недела да ги угости меѓународните лидери, вклучително и претседателот Зеленски“.
По состанокот на Стармер со Трамп во четвртокот (27.02), кога тој на американскиот претседател му достави покана за државна посета со кралот Чарлс, стигнаа оценки дека Стармер му се додворувал на Трамп.
Иако Ризо вели дека има разбирање за тоа дека Зеленски му возвраќаше на Трамп, таа верува дека најдобрата опција на украинскиот претседател била тој да ја проголта својата гордост – како што тоа го направиле Стармер и Макрон претходно оваа недела.
„Емануел Макрон и Кир Стармер можеа да го остават своето его настрана“, оценува таа. „Да се појавиш во Белата куќа и да му ласкаш на Трамп, тоа е некако она што треба да го направите, иако е како да имате работа со мало дете. Мислам дека и Зеленски треба да може да го направи тоа, но тука има и чувство на украинска гордост за што навистина имам разбирање“, додава таа.

Мелони повикува на самит
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која ја поддржа Украина, но исто така има силни врски со Трамп како колега десничарски политичар, нуди повнимателен одговор.
Предлагајќи самит во кој ќе бидат вклучени Соединетите Американски Држави, европските нации и сојузниците, Мелони рече дека е важно да се разговара за тоа како „да се справиме со големите предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина“.
„Секоја поделба на Западот нѐ прави сите послаби и ги фаворизира оние кои би сакале да го видат падот на нашата цивилизација“, додаде Мелони.
Ризо, пак, нагласува дека верува оти несогласувањето меѓу Трамп и Зеленски може да го направи секој иден договор за завршување на војната многу потежок за постигнување.

„Загрижена сум дека Европа ќе биде отсечена од овие преговори“, вели Ризо. „Трамп го гледа Зеленски како дрзок и неподготвен за мир, па затоа ќе биде отсечен. Држам палци она што се случи денес да може да се испегла, но мислам дека тоа ќе биде тешка битка“.
Унгарецот Орбан го поддржува Трамп
Лидерите од Белгија, Хрватска, Чешка, Естонија, Финска, Ирска, Летонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Словенија, Шпанија и Шведска, исто така, беа меѓу многуте кои ја изразија својата поддршка за Украина.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, кој е сојузник на Трамп и одржува блиски врски со Русија, го поддржа американскиот претседател.
„Силните луѓе создаваат мир, слабите луѓе прават војна“, објави Орбан на платформата Х.
Поддршката на Орбан за Трамп може да ја зголеми загриженоста во врска со способноста на ЕУ да обезбеди помош за Украина за која е потребно едногласно одобрение од сите 27 земји-членки.