Пред денешниот самит на ЕУ за ситуацијата во Белорусија, рускиот претседател Путин предупреди од „мешање“. Ова е дипломатски жежок костен за ЕУ – таа сака да поддржи демократизација, но и да не го провоцира Кремљ.
Вонредни самити на ЕУ за надворешнополитички теми се исклучително ретки. Повеќето конфликти се решаваат во мал круг, во т.н. контакт групи. Така во 2015 година Ангела Меркел и тогашниот француски претседател Франсоа Оланд заедно со рускиот претседател Путин го постигнаа Договорот од Минск за деескалација на кризата на Крим и во источна Украина.
Сега, со оглед на протестите и нивното насилно задушување во Белорусија, пред се’ Полска и Чешка инсистираат на моќна и заедничка порака од страна на ЕУ. Повеќе источноевропски земји се особено ангажирани околу оваа тема.
Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон во телефонски разговори со рускиот претседател Путин апелираа тој да го искористи своето влијание во Белорусија. Според портпаролот на германската влада, Меркел побарала да не се применува насилство врз мирни демонстранти и да се ослободат политичките затвореници. Таа нагласила и дека владата во Минск „мора да стапи во национален дијалог со опозицијата и општеството за да се надмине кризата“.
И Емануел Макрон го повикал Путин да придонесе за „смирување“ на состојбата и за „дијалог“. Целта е „веднаш да запре насилството врз населението и да се најде политичко решение“. Франција по ова прашање соработува тесно со Германија, нагласи кабинетот на францускиот претседател.
Сите очи свртени кон Путин
Но, рускиот претседател не остави простор за сомневање во однос на тоа кого го смета за вистински господар. Путин ги предупреди јасно шефовите на влади во ЕУ дека какво било мешање во внатрешнополитичката состојба во Белорусија е неприфатливо. Освен тоа, тој очекува стојбата во земјата набрзо да се смири.
Шведската влада, како следен претседавач со ОБСЕ, нуди испраќање на делегација во Минск. Стокхолм објаснува дека министерката за надворешни работи Линде заедно со албанскиот прмеиер Рама може да отпатува во Минск и да разговара со претставници на владата и на опозицијата за да се најдат начини за излез од кризата. Албанија годинава претседава со ОБСЕ.
„Кадифена револуција“ како пример?
„Опциите на ЕУ се многу ограничени“, вели Џуди Демпси од тинк тенкот „Карнеги Европа“ во Брисел. Европејците мора да бараат слободни избори и ослободување на затворениците, но двете барања се тешко спроведливи, а премногу реторика е бескорисна и опасна, смета таа. Одлуките, всушност, треба да се донесат во самата Белорусија, додава Демпси. Таа се надева дека опозициската лидерка Тихановскаја наскоро ќе се врати во земјата и дека ќе ги канализира протестите, за на тој начин да се спречи радикализација на движењето.
Таа веќе учествуваше во создавањето на Координативен совет кој треба да ја извади земјата од криза и да организира мирно предавање на власта. Притоа, ЕУ на граѓаните треба да им даде поддршка пред се’ со практични чекори, да даде визни и трговски олеснувања, помош за медиумите, да овозможи размена на студенти и многу други работи, уверена е Џуди Демпси.
Како можен модел за позитивен развој Демпси ја наведува ситуацијата во Ерменија пред две години. Таму луѓето следеа сопствен начин на демократизација и Путин ги остави намира. „Доколку Путин во Белорусија може да добие прагматичен премиер, кој нема да го растегне ЕУ-знамето преку земјата, тогаш тој со тоа можеби би можел да живее.
За ЕУ ставот кон Белорусија и Русија е прашање на дипломатски баланс. Ангела Меркел, како претседавач со Советот на ЕУ, има доволно искуство со Кремљ, но нејзината агенда за оваа половина година е веќе полна. Сепак, надворешнополитичките кризи не се нешто што може да се испланира. Канцеларката, исто како во случајот со корона-фондот, повторно ќе соработува тесно со претседателот Макрон за да ја одржи ЕУ заедно и за да се најде заеднички став во врска со Белорусија.
Извор: DW