Европа на дофат

Европа на дофат

Пишува: м-р Анита Ангеловска

Го добивме најпозитивниот извештај со чиста, безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство во Европската унија – одекна веста на сите медиуми. Имајќи го предвид времето кое нашата држава го помина во подготовки пред портите на Европа, ова е повеќе од радосна вест, но и огромен предизвик, во секој поглед, кој бара секавична брзина во дејствувањето во сите сегменти на општеството. Како држава веруваме дека сме прилично усогласени со европската регулатива и добро сме информирани за придобивките од членството во Унијата од повеќе аспекти, но…

Она што најмногу ме засега е воспитно – образовниот систем, кој е во фаза на реформи и прилагодување кон европските стандарди и принципи за градење европски граѓани, кои ќе бидат активни и компетентни за вклучување во процесите на носење одлуки за заедницата. Систем во кој најмладите ќе ги подготвуваме за одговорен живот во демократско граѓанско општество, учејќи ги на темелните човекови вредности, индивидуалната слобода, интегритетот, достоинството и еднаквите права. Систем во кој ќе создаваме услови за јакнење на чувството на праведност, толеранција, одговорност и правилен развој на личноста.

Дали ние возрасните сме подготвени да бидеме европски граѓани кои ќе го почитуваат човековото достоинство и човековите права, како вредности засновани на генералното верување дека секој човек е подеднакво важен, вреден за почит и му припаѓаат истите права и слободи? Дали навистина умееме да ги цениме демократијата, праведноста, правдата, еднаквоста и законитоста како принципи врз кои функционираат современите општества? Колку сме отворени и сензитивни кон почитување на културната разновидност, плурализмот на погледи и разлики во однесувањето? Колкаво е нашето знаење за светот и разбирање на светот во различни области, вклучувајќи: економија, религија, медиуми, историја, култура, човекови права, политика, право…?

Што во изминатиот интегративен период осознавме за заедничките европски вредности и придобивки од интеграциите во меѓународни организации и Европската Унија? Научивме ли што значи соработка од општ и јавен интерес во граѓанско општество, вклучувајќи живеење во здрава животна средина и одржлив развој? Имаме ли граѓанска свест, чувство на припадност кон заедницата, свесност за другите луѓе во заедницата и за влијанието на сопствените постапки врз тие луѓе, солидарност и чувство на граѓанска одговорност кон заедницата?

Како наставници, родители, воспитувачи, претставуваме линк меѓу старото и новото, со одговорна улога да изградиме европски граѓани, кои вистински ќе го живеат европскиот концепт и ќе ја очекуваат европската перспектива. Немаме избор, освен да работиме на себе и да направиме пресврт кај себе си, а потоа и кај другите, за да ја развиваме воспитната компонента како клучен фактор во обликувањето на нашата иднина, но пред сè, на иднината на нашите деца.

Преку личен пример да покажуваме одговорност за сопствените постапки и одлуки со морално постапување, свесно дејствување и одговорност за последиците од постапките. Да ги поттикнуваме да веруваат во сопствените способности за преземање акција во постигнување определени цели. Да им развиваме вештини за аналитичко и критичко мислење, односно на систематски и логичен начин да анализираат, вреднуваат и да донесуваат судови врз основа на аргументи. Да покажуваат емпатија кон другите за да ги разберат мислењата, верувањата и чувствата на другите луѓе и да го видат светот од нивна перспектива.

Наша одговорност е да ги поттикнуваме на соработка со другите за постигнување на заеднички цели. Ние треба да ги научиме како да ги решаваат конфликтите на мирен начин, преку насочување на страните на конфликтот кон оптимални и конструктивни решенија што се прифатливи за сите и практикување конструктивна и ефективна комуникација и интеракција со другите. Да демонстрираат демократски средства за партиципација на сите нивоа и да земат активно учество како поединци, членови на групи или како дел од општеството и да препознаваат европска и меѓународна перспектива од различни аспекти.

Вредностите на демократијата и граѓанското општество се темел на нашата иднина, особено во ова време на промени кога Европа ни е на дофат, не само географски, туку интеграциски и обединето. Затоа, концептот на европско граѓанство не треба да биде само дел од наставен предмет, туку начин на живот, кој ќе ги вклучи сите засегнати страни во градењето на личноста: семејството, образовните институции, медиумите, заедницата… Само така ќе создадеме активни граѓани свесни за нивните права, обврски и одговорности и ќе градиме вредносен систем кој подразбира почитување на различноста и поврзување со другите граѓани.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …