Европа остро одговори на заканите за царини на Трамп

Европа остро одговори на заканите за царини на Трамп

Осум европски земји — Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство — во неделата објавија заедничко соопштение во кое предупредија дека царинските закани на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со Гренланд можат да предизвикаат „опасна надолна спирала“ и сериозно да ги поткопаат трансатлантските односи.

Сите земји-потписнички, членки на НАТО, ја повторија својата цврста поддршка за Данска и Гренланд, истакнувајќи дека разликите треба да се решаваат исклучиво преку дијалог.

„Ќе продолжиме да настапуваме обединето и координирано. Посветени сме на заштита на нашиот суверенитет“, се наведува во соопштението.

Трамп во саботата најави воведување 10% царини за стоки од земјите што се спротивставуваат на неговиот обид „целосно и во потполност“ да го купи Гренланд, со можност да се зголемат на 25% од 1 јуни, доколку не се постигне договоршто тој го смета за задоволителен.

ЕУ свикува вонреден самит

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, најави дека ќе свика специјален самит заради ескалацијата предизвикана од американските царински закани. Тој посочи дека консултациите со земјите членки јасно покажале дека ваквите мерки се спротивни на постојниот договор за трговија меѓу ЕУ и САД и го нарушуваат трансатлантското партнерство.

Кошта нагласи дека Унијата е подготвена да се брани од каква било форма на притисок, но дека и понатаму сака конструктивна соработка со Вашингтон, особено поради заедничките интереси за стабилност во Арктикот и рамките на НАТО.

Самитот ќе ги собере лидерите на ЕУ, а како потенцијален датум се разгледува четврток.

Данска: „Европа нема да биде уценувана“

Гренланд е составен дел од Кралството Данска и, со тоа, од НАТО. Данската премиерка Мете Фредериксен остро го критикуваше Трамп, истакнувајќи дека Европа нема да попушти под притисок.

„Ние не сме тие што го бараат конфликтот“, изјави Фредериксен за данската агенција Рицав.

„Европа не може да биде уценувана“, додаде таа.

Фредериксен нагласи дека данското кралство добива силна меѓународна поддршка и дека кризата „далеку ги надминува нашите национални рамки“.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во понеделник ќе се сретне со министри од Данска и Гренланд за да се разгледа ситуацијата.

Макрон подготвува европски контрамерки

Францускиот претседател Емануел Макрон според извори од неговиот кабинет, инсистира на цврст европски одговор. Тој е во интензивни контакти со европските лидери и ќе побара активирање на европскиот Инструмент против економска присила, кој овозможува ЕУ да воведе контрамерки во случај на економски притисок.

Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. јануари 2026
Францускиот претседател Емануел Макрон инсистира на цврст европски одговор

Париз ги оцени заканите на Трамп како „неприфатливи“, а Макрон смета дека тие го доведуваат под прашање и привремениот договор за царини меѓу ЕУ и САД постигнат минатата година. Тој договор, кој сè уште чека ратификација во Европскиот парламент, предвидува американските царини за европските стоки да се намалат на 15%, а царините за американски индустриски производи да бидат укинати.

Германија: Царините нема да го загрозат НАТО

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави за АРД дека тековниот трговски спор нема да влијае врз воената кохезија на НАТО.

„Нема никакво сомневање дека САД остануваат целосно посветени на Алијансата и на одбраната на Европа“, рече тој, додавајќи дека никој во Вашингтон не го оспорил тоа.

Руте објави на Х дека разговарал со Трамп за „безбедносната ситуација во Гренланд и Арктикот“. Очекува да се сретнат во Давос оваа недела, за време на Светскиот економски форум, кој започнува во понеделник, а Трамп треба да присуствува во среда.

Италија нуди посредување

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, од посета во Јужна Кореја, предупреди на ризик од ескалација и го опиша спорот како „комуникациски проблем“. Таа нагласи дека мисијата на НАТО не смее да се толкува како „антиамериканска“.

Министерот за надворешни работи Антонио Тајани оцени дека Италија има капацитет за посредување, но и предупреди дека „трговски војни не му носат добро никому“ и дека се потребни дијалог и балансирани решенија.

Германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл порача дека Европа нема да се исплаши од заканите.

„Нема да се исплашиме ниту од царини, ниту од зборови, ниту од притисоци“, рече тој, додавајќи дека Европа е „уценета“.

„Во моментов сме во тесна координација со европските партнери. Ќе има европски одговор на оваа закана и на вчерашната најава. Тука ја повлекуваме линијата.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Превозниците бараат преодно решение за влез во Шенген-зоната

Превозниците бараат преодно решение за влез во Шенген-зоната

ЕУ и натаму нема решение за професионалните превозници од регионот, кои се соочуваат со сериозни проблеми поради …