Европски пари заглавени во затворот Идризово

Европски пари заглавени во затворот Идризово

Според информации на РСЕ од извори во Управата за извршување санкции, рокот за почеток на градежните работи истекол во јуни 2024 година. Како краен рок сега е зададен јуни 2025 година. Сепак проекциите се дека и веднаш да се започне со изградба ќе треба околу 5 години за да се завршат градбите.

На 18 мај 2022 година Претседателот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Алан Мичел и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек побарале од тогашната влада да го искористи заемот и да ги изгради објектите во Идризово.

Дел од затворско одделение каде се оставаат непотребни предмети
Дел од затворско одделение каде се оставаат непотребни предмети

Проблем има уште во градежната дозвола

Од Управата за извршување на санкции која е надлежна за затворите потврдуваат дека затворот нема важечка дозвола за градење на објекти. Била издадена од Министерството за транспорт, но проблем е настанат пред две недели кога и е истечена важноста.

„Преку Единицата за имплеменација на проектот аплициравме за нови одобренија. Постапката е во тек во министерството “, пишуваат од Управата за РСЕ.

Надворешна единица од клима уред во КПУ Идризово
Надворешна единица од клима уред во КПУ Идризово

На 29 јули годинава новоназначениот директор на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов и министерот за транспорт Александар Николоски објавија дека разговарале за отпочнување на постапката за изградба на нови простории во КПД Идризово. Но тогаш не беше објавено дека за неполн месец и половина ќе истече дозволата за градење. Сега од Министерството за транспорт велат дека е отпочната нова процедура, но и по нивното добивање ќе треба да тече процес за распишување на оглас за изведувач на работите.

Условите во затворот во 2023 година катастрофални

Неколку релевантни институции ги анализираа условите во КПУ Идризово во 2023 година. Советот на Европа преку Комитетот за превенција на тортура објави извештај во кој се вели дека наместо амнестии во кои властите често гледаат решение за пренатрупаноста во затворите, би можело да биде и реализацијата на втората фаза од проектот за Идризово финансиран од банката.

„Ситуацијата во затворот Идризово останува алармантна. Во извештајот се нагласени физичкото злоставување од страна на персоналот и пролонгираната изолација на проблематичните затвореници, високо ниво на насилство меѓу затворениците и нехигиенските и небезбедните услови. Сериозната пренатрупаност во затворениот дел ги влошува овие проблеми. Дополнително, распространетата корупција на персоналот го поткопуваат исправното функционирање на затворот и тоа резултира со тоа најобесправените затвореници да бидат држени во најлоши услови“, се вели во извештајот.

Импровизиран туш во затворот Идризово
Импровизиран туш во затворот Идризово

Во извештајот на Народниот правобранител за 2023 година исто така е утврдено дека има преголем број затвореници а премалку затворска полиција. Условите исто така се карактеризирани како катастрофални, а особено проблематично е и лекувањето на затворениците.

„Посетата на затвореното одделение беше реализирана со фокус на 3, 4, 7 крило и т.н. „Амбуланта“. Затекнатата состојба беше сериозно загрижувачка, поради што и беше нотирано дека состојбата во овие крила слободно би можела да се подведе под поимот на нечовечко и понижувачко постапување. Пренатрупаноста беше очигледна заради што осудени лица спиеја на под од ходникот на одредени крила, додека во одредени простории на импровизирани кревети на четири ката престојуваа и по 14, односно 15 лица“, пишува во извештајот на Народниот правобранител.

Затворениците го користат сонцето за да исушат дел од своите алишта
Затворениците го користат сонцето за да исушат дел од своите алишта

Ништо подобар не е ниту извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Пренатрупаноста, особено во КПД Идризово, каде што се наоѓаат најголем број осудени лица од кои повеќето се со безбедносен ризик, е алармантен проблем за кој државата мора итно да најде решение. “, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Импровизирана кујна во КПУ Идризово
Импровизирана кујна во КПУ Идризово

Во затворот Идризово од јуни 2023 година е прогласена кризна состојба поради малиот број на стражари во затворот, по што беше ангажирана АРМ да помогне со војници кои го обезбедуваат затворот од надвор.

Една од чешмите во затворско одделение во Идризово
Една од чешмите во затворско одделение во Идризово

Бројната состојба на вработени во КПД Идризово на крајот од 2023 година изнесува 289, за разлика од почетокот на годината кога биле 212.

Кумановскиот затвор има хроничен проблем со водата

Кумановскиот затвор, кој беше финансиран исто така од Банката за развој на Советот на Европа, беше пуштен во употреба во септември 2013 година, а тогаш власта го промовираше како установа која ги исполнува европските стандарди.

Но набргу се појавија поплаки од затвореници дека во затворот често се случува да нема вода од два до три дена, а воопшто не се обезбедува топла вода. Затворот нема ниту систем за водоснабдување ниту санитарна инфраструктура за отпадни води. Водата која се користи за пиење, готвење, перење и капење се носи со цистерни, напишал Хелсиншкиот комитет во еден од своите извештаи.

Дури биле испратени и примероци од водата на лабораториско испитување по што беа добиени резултати дека водата не е безбедна за пиење. До денес овој проблем не е решен.

Во информацијата од банката се вели и дека целта на проектот наменет за затворите е да се развие и надгради казнено-поправната инфраструктура, преку подобрување на физичките услови во затворите како за затворениците така и за вработените во согласност со европските стандарди и затворските правила.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Медиуми: Републиканците ја имаат контролата во Сенатот

Медиуми: Републиканците ја имаат контролата во Сенатот

Републиканците ја презедоа контролата врз американскиот Сенат, кој досега беше во рацете на Демократите, јавуваат …