Европскиот парламент ги одобри новите правила за авторските права за интернет

Европскиот парламент ги одобри новите правила за авторските права за интернет

Европскиот парламент денеска со 348 гласови „за“, 274 „против“ и 36 воздржани изгласа нова директива со која се заоструваат правилата за содржините на интернет и се наметнуваат многу построги одредби за интернет гигантите. Интернет-платформите ќе сносат одговорност за содржините што корисниците ги закачуваат, а ќе се води многу построга контрола дали се почитуваат авторските права, но објавувањето и споделувањето линкови со краток опис ќе биде и понатаму дозволено.

Издавачите и креатгорите на содржини исто така ќе може да преговараат со интернет-гигантите и да бараат дел од приходите направени на сметка на нивните дела, а пак новинарите дел од приходите што ги направил издавачот.

Како што рекоа од Европскиот парламент (ЕП), новата директива исто така обезбедува мерки коишто ќе овозможат интернетот и понатаму да биде место каде ќе има слобода на изразување.

Објавувањето различни дела на некомерцијалните општокорисни платформи, како што е Википедија или платформите за слободен софтвер, нема да биде казниво со новата директива.

Подготовките во ЕП за донесување на новата директива почнаа уште во 2016 година, а сега земјите-членки на ЕУ ќе треба да ја одобрат одлуката на ЕП. Доколку сите го прифатат текстот што денеска е изгласан, директивата ќе стапи на сила по објавувањето во службениот весник на ЕУ и сите чинители ќе имаат рок од две години за да почнат да ја применуваат.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Германија: Забрана на АфД? Повикот е сѐ погласен

Германија: Забрана на АфД? Повикот е сѐ погласен

Алтернатива за Германија триумфираше на три покраински избори, предизвикува превирања во парламентот на Тирингија и …