Евтина струја или чиста животна средина?

Евтина струја или чиста животна средина?

Најголемиот дел од производството на електрична енергија во Македонија е нееколошко и се потпира на јаглен. Упатените порачуваат да се инвестира во филтри и да се избере ресурс кој помалку загадува. Според нив, Македонија има потенцијал производството во целост да се потпира на обновливи извори.

Македонија во најголем дел се потпира врз термоелектраните кои користат домашен јаглен во производството на струја, а останатите количини се произведуваат од хидроелектраните. Како што вели директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во последните години и когенеративните постројки го зголемуваат своето учество во вкупното производство на електрична енергија. Тој посочува дека државата има и ветерни електрани, мали хидроелектрани, фотонапонски централи како и неколку електрани кои произведуваат електрична енергија од биогас произведен од биомаса.

Термопроизводството е околу 60 проценти, когенеративните постојки се 15 проценти и исто така големите хидроелектраните. Едната ветерна електрана учествува со околу 2,5 проценти, во зависност од годината, малите хидроелектрани учествуваат со околу 5 проценти, биогасот учествува со 1 процент, а со 0,5 проценти учествуваат фотонапонските електроцентрали“, вели Бислимовски.

Производството од обновливи извори е мало

Статистичките податоци според професор Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија зборуваат дека производството на електрична енергија од алтернативни извори, ако се тргне настрана хидрауличната енергија од големите хидроцентрали, е многу мала и е на ниво од 1 до 1,5 проценти. Инаку, како што дополнува професорот, обновливите извори во вкупното задоволување на потребите за енергија се над 10 проценти, со оглед дека тука влегува и дрвото кое околу 70 проценти од жителите го користат за греење како огрев.

Тој очекува во Македонија во перспектива да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори.

„Нашите планови на ниво на Македонија е да се изградат многу бргу 200 мегавати сончеви фотоволтажни централи за кои државата ќе предвиди определена премија. Веќе е почната подготовка за изградба на нов ветерен парк од 36 мегавати во локацијата Богослој со што ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори”, вели професорот Димитров.

Бислимовски вели дека во овој момент во Македонија се добиваат 17 мегавати од фотонапонските централи, а по носењето на Законот за енергетика во јуни од наредната година се очекува да се распишат повеќе тендери за стекнување право за градење фотоволтажни централи. Како што додава Бислимовски, тие треба да произведуваат 200 мегавати, а тоа е колку што произведува еден блок од РЕК Битола.

Лигнитот е ограничен, Македонија има потенцијали за обновливи извори

Укажувањата дека треба да се работи на изнаоѓање на алтернативни извори на енергија се актуелни и со оглед на тоа што количините на јаглен се ограничени, а проценките се дека резервите со лигнит ќе бидат исцрпени за 20 до 30 години.

Бислимовски вели дека во ЕЛЕМ во последната одлука за цена на Регулаторната комисија за енергетика се признати нови инвестиции во нови наоѓалишта во Живојно. Тој посочува дека во наредниот период ќе бидат распишани и повеќе тендери за изградба на фотонапонски електрани и за изградба на ветерни електрани. Како што дополнува, се очекува уште 70 мегавати во наредните 3 до 4 години да се добиваат од ветерни електрани.

Според истражувањата во Центарот за енергетска ефикасност, Македонија има потенцијал и реални технички услови до 2050-та година производството на електрична енергија во целост да се потпира на обновливи извори. За да се оствари тоа според професорот Димитров, државата секоја година треба да издвојува значителна сума на средства и да се обедини техничкиот и интелектуалниот потенцијал.

„И пред се тие што носат политички решенија треба да сфатат дека тоа е вистинскиот пат за движење напред при производство на енергија. И стратегиите на Европа се во таа насока. За да се оствари оваа визија, да бидеме ослободени од фосилни горива, и од увоз на електрична енергија, односно да произведуваме од сопствени извори, треба да донесеме правилна политика навреме. Најдобар енергетски ресурс е и енергетска ефикасност со која се намалува потрошувачката на енергија, а се зголемува производството од обновливи извори. Со тоа може да се исполни визијата до 2050 та година нашето општество, да биде ослободено од фосилни горива и да ги задоволува потребите од обновливи извори“, вели професорот Димитров.

Јагленот е ресурс кој загадува

Бислимовски укажува дека најголемиот дел од производството на електрична енергија е нееколошко со оглед на фактот дека во најголем дел се потпира на јаглен.

„И светските трендови покажуваат дека електроцентралите кои користат јаглен веќе се во тренд на затворање или користат поеколошки горива. Ако не го прават тоа тогаш се инвестира во заштита на животната средина од јагленовата прашина, а тоа се случува и во ЕЛЕМ. Но тоа перспективно би значело зголемување на цената на струјата произведена од јаглен, пред се заради воведување на нови и посериозни еколошки стандарди“, вели Бислимовски.

Од термоелектроцентралите најголем производствен капацитет е Рударско-енергетскиот комбинат „Битола” со своите три блока.

Христијан Делев поранешен заменик министер за економија, вели дека важно е да се инвестира во филтри и во иднина да се избере ресурс кој помалку ќе загадува.

„Не случајно Битола и тој регион е еден од позагадените во Македонија. Јагленот е ресурс кој загадува. Но за таа транзиција да се направи, да се добијат почисти енергенси треба време. Во моментот тие проекти се ставени на стенд бај. Многу е важно Македонија да ја направи таа трансформација односно да избере во иднина ресурс што помалку ќе загадува и да обезбеди енергетски ресурс за иднината зашто јагленот е ограничен. Идејата е да се инвестира во филтри кои драстично ќе го намалат загадувањето од термоелектраните. Тие не ги задоволуваат стандардите“, вели Делев.

Инаку од вкупните потреби од електрична енергија Македонија помеѓу 25 до 30 проценти ги обезбедува преку увоз, а остатокот го обезбедува од домашно производство.

Претседателот на Регулаторната комисија вели дека во иднина Македонија не може да се доведе во опасност само да увезува струја наместо да произведува.

„Не може да се доведеме во опасност зашто Македонија во моментот работи на поврзување со гас, едниот крак ќе биде со Грција, а другиот дополнителен крак ќе се гради кон Бугарија. Тоа што ќе го снема јагленот ќе го замениме со друг вид гориво“, вели Бислимовски.

Но Делев не мисли така. Тој вели дека една од причините зошто претходната влада барала и одлагање на либерализацијата на пазарот со електрична енергија е да може да се искористи тој период да се инвестира во повеќе производствени капацитети во Македонија кои би произведувале енергенс кој би бил конкурентен.

„И доколку се имплементира комплетно таа либерализација како што сега се имплементира, се плашам дека во иднина се повеќе ќе бидеме зависни од увоз на електрична енергија и поголеми средства ќе се издвојуваат за увоз наместо да останат во Македонија“, вели Делев

На прашање дали Македонија може да се доведе во иднина во опасност само да увезува струја, професорот Димитров укажува дека секоја држава треба да направи анализа. Тој вели дека и електричната енергија е пазарна стока и оти секогаш има можност една држава сама да произведува електрична енергија или да ја купува.

„Треба да се направи анализа што за една држава е поповолно во даден момент. Дали да се користат домашни ресурси? А тоа некогаш е поскапо, имате загадување, како ние со нашите лигнити. Дали ако немаме доволно гориво да увезуваме гориво и да произведуваме за себе електрична енергија и повторно да загадуваме? Или да увеземе со некоја приближно идентична цена од надвор електрична енергија и загадувањето да остане во тие други држави? Тоа можеби е добро на прв поглед, но ако сте така енергетски зависни од увоз, губите дел од својот суверенитет“, вели професорот Димитров.

Тој дополнува дека секоја држава се грижи да обезбеди сопствено производство на електрична енергија, за да ги задоволи основните потреби на индустријата и на домаќинствата, и оценува дека тоа е основен двигател за развој на општеството и во индустријата и во стандардот и во социјалниот живот.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …