Фајзер и Бионтек поднесоа барање до ЕМА за одобрување на нивната вакцина за деца од 12 до 15 години

Фајзер и Бионтек поднесоа барање до ЕМА за одобрување на нивната вакцина за деца од 12 до 15 години

Фајзер и Бионтек потврдија дека до Европската агенција за лекови (ЕМА) поднеле барање за проширување на примената на нивната вакцина против корона вирусот кај деца на возраст од 12 до 15 години. Компаниите претходно овој месец поднесоа слично барање до регулаторното здравствено тело во САД, а вакцината е веќе одобрена за употреба кај луѓето на возраст над 16 години во САД и во ЕУ.

„Процесот на одобрување треба да трае помеѓу четири и шест недели“, изјави ко-основачот и извршен директор, Угур Сахин, за германскиот магазин „Шпигел“.

Вакцината во моментов е одобрена за употреба кај луѓе од 16 години и постари.

Во САД, Бионтек и Фајзер аплицираа на почетокот на април за одобрување на нивната итна вакцина за деца на возраст од 12 до 15 години.

Барањата за одобрување се врз основа на податоци од клинички испитувања на „фаза три“, извршени на таа возрасна група, а објавени на крајот на март, кои според лабораториите покажуваат 100 отсто ефикасност во спречување на болеста.

Сахин, кој е коосновач на лабораторијата со неговата сопруга, оцени дека е можно да се добие колективен имунитет во Европа најдоцна во јули или август годинава и изрази доверба во ефикасноста на вакцината против таканаречената индиска варијанта на корона вирус.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …