Крај на евтините пари: ФЕД ги зголеми каматните стапки, скапата нафта ги руши берзите

Крај на евтините пари: ФЕД ги зголеми каматните стапки, скапата нафта ги руши берзите

Светската економија влегува во нова, понеизвесна фаза откако ФЕД одлучија да ги зголемат каматните стапки за првпат од 2023 година, ставајќи крај на повеќегодишната пауза.

Овој потег веднаш предизвика верижна реакција низ глобалните пазари, погодувајќи ги акциите, државните обврзници и пазарите на суровини. ФЕД ја подигна референтната камата за 0,25 процентни поени, позиционирајќи ја во опсегот од 3,75 до 4 отсто.

Инвеститорите во страв од нови монетарни затегнувања

Она што вистински ги вознемири пазарите не беше самото зголемување, туку јасниот сигнал дека централната банка нема да запре тука доколку инфлацијата не почне забрзано да се намалува. Според процените на Ројтерс, инвеститорите сега се подготвуваат за уште едно зголемување до декември. Ваквите очекувања експресно го зајакнаа американскиот долар до највисокото ниво во последните седум недели и ги вивнаа приносите на обврзниците. Приносот на двогодишните американски обврзници скокна на 4,72 отсто, додека десетгодишните останаа на високо ниво од околу 5 отсто.

Оваа промена предизвика негативни реакции на Волстрит, каде што индексот Dow Jones падна за 1,2 отсто, S&P 500 забележа загуба од 0,5 отсто, додека технолошкиот Nasdaq стагнираше. Во Азија ситуацијата беше измешана – додека јапонскиот Nikkei и јужнокорејскиот Kospi пораснаа за 0,2 односно 0,9 отсто, берзите во Хонг Конг (Hang Seng) и Шангај потонаа за 0,7 и 0,4 отсто.

Златото ја губи привлечноста поради силниот долар

Традиционалните засолништа за капиталот, како благородните метали, се најдоа под силен удар. Комбинацијата од повисоки камати и посилен долар ја турна цената на златото на околу 4.270 долари за унца, што претставува пад од околу два отсто во изминатите три трговски денови. Среброто исто така го почувствува притисокот, задржувајќи се на ниво од 63,28 долари за унца. Бидејќи златото само по себе не носи каматен принос, инвеститорите се пренасочуваат кон поисплатливи инструменти.

Енергетската криза диктира нови глобални потези

Клучниот генератор на оваа инфлаторна спирала останува скапата енергија, проблем кој ФЕД не може да го реши само со финансиски инструменти. Воениот конфликт со Иран и проблемите со протокот низ Ормускиот теснец, придружени со нарушувањата на саудиската нафтена инфраструктура, ја одржуваат цената на нафтата Брент над 100 долари за барел. Иако дополнителните саудиски испораки преку Оман донесоа благо смирување, стравот од недостиг останува присутен.

Глобалното внимание сега е свртено кон Лондон и Токио. Банката на Англија се соочува со притисок од скапата енергија иако се очекува да паузира, додека од Банката на Јапонија веќе се очекува да најави сопствено зголемување на каматите.

Следете ги најновите вести и анализи од областа на финансиите во рубриката „Пари“ на Публикум.

Прочитајте повеќе

Народна банка НБРМ каматна

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25% поради инфлациските ризици

На редовната седница одржана на 15 септември 2026 година, Извршниот одбор на Народната банка донесе …