Фејсбук најави дека го проширува списокот на објави на социјалната мрежа поврзани со ковид-19 кои ќе ги отстранува и од Фејсбук и од Инстаграм по автоматизам по претходна консултација со експерти за јавно здравје.

Во новото соопштение, од Фејсбук велат дека од декември минатата година веќе се отстрануваат „лажните тврдења за вакцините за ковид-19 кои ги отфрлија експертите за јавно здравје“.

Но, по консултациите со водечките здравствени организации, вклучувајќи ја и Светската здравствена организација (СЗО), оттаму посочуваат дека се проширува списокот на лажни тврдења што Фејсбук автоматски ќе ги отстрани, меѓу кои:

  • Ковид-19 е вирус вештачки произведен од човекот;
  • Вакцините не се ефикасни во спречување на болеста од која се наменети да штитат;
  • Побезбедно е да се добие болеста, отколку да се вакцинира;
  • Вакцините се токсични, опасни или предизвикуваат аутизам.

„Овие нови политики ќе му помогнат Фејсбук да продолжи да презема агресивни активности против дезинформациите за ковид-19 и вакцините“, се вели во соопштението од социјалната мрежа.

Додаваат дека новото ажурирање ќе почне да се имплементира веднаш, со посебен фокус на страници, групи и профили што ги кршат овие правила.

„А, оние профили кои постојано ќе ги споделуваат овие побиени тврдења, може да се отстранат трајно. Фејсбук исто така, ќе побара од администраторите во групите со администратори или членови кои ги прекршиле политиките за ковид-19 привремено да ги одобруваат сите објави во нивната група“, се вели понатаму во соопштението.

Но, тие посочуваат и дека тврдењата за ковид-19 или вакцините што не ги кршат овие правила, ќе бидат подобни за разгледување од страна на проверувачи на факти од трети страни, и ако се оценети како лажни, тие ќе бидат обележани, но не отстранети.

„Продолжуваме да ги подобруваме резултатите од пребарувањето на нашите платформи. Кога луѓето пребаруваат вакцина или содржина поврзана со ковид-19 на Фејсбук, ние промовираме релевантни, авторитативни резултати и обезбедуваме ресурси од трети страни за да ги поврземе луѓето со стручни информации за вакцините“, стои во објавата на Фејсбук.

На Инстаграм пак, покрај појавувањето на релевантни резултати во делот „Пребарување“, од Фејсбук најавуваат дека во следните недели ќе биде отежнато наоѓањето профили во пребарувањето кои преку нивните објави ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат.

Извор: МЕТА