Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“: По пауза од 25 години засвири гајдата на Пеце

Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“: По пауза од 25 години засвири гајдата на Пеце

Синоќа на Камената бина во Прилеп, по 47 пат се крена завесата на Фестивалот на народни инструменти и песни, „Пеце Атанасовски“.

Во двата фестивалски дена, на Камената бина и на „Рудина“ во Долнени, ќе продефилираат повеќе од 320 учесници од целата наша земја, кои ќе ги покажат своите квалитети во играњето, пеењето и свирењето на повеќе инструменти карактеристични за македонската изворна музика.

Во своето излагање, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, нагласи дека речиси 5 децении Фестивалот успешно ги реализира своите темелни заложби, кои воедно беа и основна цел на неговите основачи кога во далечната 1974 година го започнаа ова несекојдневно музичко патување, кое прерасна во традиција. Традиција која значи зачувување, негување и пренесување на богатото национално изворно творештво на новите генерации.

Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“: По пауза од 25 години засвири гајдата на Пеце„Ако главната задача на Фестивалот, кој е единствен од ваков вид на Балканот, е да ги сочува од исчезнување древните вештини на свирачите и пејачите на изворни песни, тогаш годинешната бројка на учесници покажува дека мисијата е успешна, а целта постигната. Семинарите, симпозиумите и едукативните работилници кои станаа составен дел на секое ново фестивалско издание, во многу придонесоа за доближување на изворната музика до младите генерации. Богатството на македонскиот фолклор е неизмерно и бесценето. Затоа, организаторите, но и поддржувачите на Фестивалот – Министерството за култура и општините Прилеп и Долнени, имаат само еден аманет: традицијата не смее да згасне! Пеце Атанасовски, Живко Фирфов, Илија Лашкоски, заедно со уште неколкумина ентузијасти и вљубеници во изворната македонска музика, се главните ‘виновници’ што денеска и утре, во Прилеп и Долнени, ќе ечат звуците на тапанот и гајдата. Што ќе ѕвони гласот на народните пејачи. Што ќе се тресе земјата под нозете на играорците“, истакна Јованоски.

Дел од годинешното фестивалско издание беа и едукативната видео презентација „Традиционалната култура во Мариово“, симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“, како и промоцијата на зборникот на трудови.

Она кое што посебно треба да се потенцира, е дека по пауза од 25 години љубителите на изворниот мелос синоќа имаа ретка можност да го чујат оригиналниот звук и пискотот на гајдата на магот на изворната народна музика, Пеце Атанасовски.

Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“: По пауза од 25 години засвири гајдата на ПецеЧеста по пауза од 25 години прв да засвири на гајдата од Пеце, ја имаше м-р Горанче Ангелов, кој објаснувајќи какво е чувството да се свири на гајдата, рече:

„Оваа гајда толку беше расвирена, што со мала интервенција ја донесовме до една состојба да свири уште 250 години. Чувството да се свири на гајдата, е како сега Пеце да прозвучи низ мене, бидејќи првите мелодии кои ги научив на гајда, беа отсвирени токму од Пеце Атанасовски“.

На отворањето на 47 Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, краток омаж за ликот на прерано починатиот секетар на Фестивалот, Златко Лашкоски, имаше Весна Атанасовска-Вучиќ.

„Да ја сакаш татковината, значи дека вложуваш во јазикот, културата, во традицијата. Таков беше нашиот Златко Лашкоски. Беше дете кога стана дел од Фестивалот. Љубовта спрема народното творештво што му ја пренесоа татко му Илија и неговиот чичко Пеце, не избледе со децении. Остана вљубеник во изворната песна, во инструментите, до крајот на својот, за жал на сите нас, краток живот. Ги сакаше музиката, пишаниот збор… ама не по задача, туку од срце, со целата душа. Малкумина знаат дека Златко пишуваше песни, кои се надевам дека наскоро ќе бидат објавени“, рече Атанасовска-Вучиќ.

Вечерва, после завршувањето на втората фестивалска вечер, на најуспешните учесници ќе им бидат доделени награди, меѓу кои и Гран при наградата „Гајдата на Пеце“.

Прочитајте повеќе

Северна Македонија избира претседател

Северна Македонија избира претседател

Граѓаните на Северна Македонија бираат шеф на државата кој ќе ги води во следните пет …