„Филип Морис-Тутунски Комбинат“ донира 80.000 долари за реновирање на две училници во СОУ „Р.Р. Ричко“

Мешовитата компанија „Филип Морис- Тутунски Комбинат“, донира 80.000 долари на средното општинско училиште „Ристе Ристески-Ричко“,за реновирање на два училишни кабинета за електро-техничка настава. Оваа донација во рамките на активностите на компанијата од стратегијата за општествена одговорност значително ќе придонесат да се подобри квалитетот на наставата, а новите генерации ученици од овој смер да најдат и свое вработување во рамките на компанијата

Според градоначалникот Илија Јованоски, оваа донација е одличен пример којшто треба да се следи во иднина, како одличен спој на активностите за општествена одговорност со бенефити во образовната сфера.

„Менаџерскиот тим и директорот, Кире Станкоски успеаја Тутунски Комбинат од фирма-загубар да го доведат до едно завидно ниво, со поддршка од Владата на Република Македонија и стратегискиот инвеститор ‘Филип Морис’.Успеаја да направат ‘бум’ за Прилеп, зашто комбинатот е многу значаен за Прилеп, бидејќи освен вработените, своја егзистенција овде обезбедуваат и кооперантите- тутунопроизводители. Посебно сакам да ја истакнам донацијата од 80.000 долари на ‘Филип Морис’ за средното училиште, за подобрување на квалитетот на наставата, за учениците коишто во иднина ќе работат во прилепските фабрика и во поширокиот регион. И ние како локална самоуправа ја поддржуваме оваа општествено одговорна компанија“, истакна градоначалникот Јованоски.

Како што рече вице премиерот Кочо Анѓушев се стабилизира и нормализира состојбата во Тутунски Комбинат , по долгогодишната агонија.

„Ја видовме денеска новата инвестиција, новата машина донесена од ‘Филип Морис’ пуштена во производство, со што е зголемено производството во Тутунски Комбинат. По долги години загуби, се надеваме на позитивни резултати, во Тутунски Комбинат, прв пат оваа година. Тоа е благодарение на доброто раководење на оваа компанија, но и  на добриот стратешки договор со ‘Филип Морис’,којшто има уште простор да се подобрува и да се зголемува. Посебно големо ми е задоволството што се наоѓаме во средното училиште во кое што се негуваат и едуцираат кадри за прилепската индустрија, и поширокиот регион. Ова е иднината на Македонија. Точно со тој проблем се соочува целокупната индустрија во Македонија, со обезбедување на квалитетен и соодветен кадар, во таа смисла ја користам приликата да се заблагодарам на ‘Филип Морис’, што со своја донација придонел да се подобрат условите за настава на учениците, со донирање на лабораторија за практични вежби на учениците од електро-техничката струка“,рече вицепремиерот Анѓушев, изразувајќи надеж дека овој пример, ќе биде добар поттик за стопанствениците во целата држава да остварат соработка со образовниот сектор.

Следната година рече вицепремерот Анѓушев, Владата ќе биде посветена на обезбедување кадар според потребите на компаниите.

„Тоа ќе биде направено преку т.н. дуално образование, практичната настава, преквалификацијата коишто ги промовиравме,значи Владата со своите ресори, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование ќе бидеме посветени на тоа како да има посоодветен кадар за потребите на македонската економија, и при тоа, како да го решиме акутниот проблем на невработеноста од една страна, а од друга страна неможноста на компаниите да обезбедат соодветен кадар. Мерките што ги промовиравме ќе бидат едни од таргетите на Владата за следната година, бидејќи конечно, зборуваме за економија. Ќе работиме и на сузбивање на бирократијата, бидејќи годинава ги воспоставивме фундаментите на индустриската политика,а тоа е силна индустријализација на Република Македонија, со поддршка на инвестициите, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, преку Фондот за иновативност. Но, сето тоа нема да биде заокружено ако не биде заокружено и преку образовниот систем,и преку создавање на соодветни кадри“, рече вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на мешовитата компанија „Филип Морис-Тутунски Комбинат“,Михаил Солтер, посочи на стратешките цели на компанијата.

„Филип  Морис- Тутунски Комбинат“, секогаш ги извршува задачите според највисоки стандарди.Заедничкото партнерство со Тутунски Комбинат ни овозможи да работиме заедно на модернизација, ефикасност и зголемување на квалитетот, што е главна цел да го осигура врвниот стандард во производството на интернационални производи во портфолиото на ‘Филип Морис- Интернационал во Прилеп. Многу сме задоволни што со таа континуирана работа овозможивме прво, префрлање на производството на ‘Бонд стрит’ и ‘Честерфилд’, неколку години наназад во Прилеп,а најмногу сме задоволни што минатиот месец, го доведовме производството на ‘Марлборо’, како најголем и најзначен бренд не само во Македонија, туку и глобално, најголем бренд на ‘Филип Морис’ што постои во фабриката на Тутунски Комбинат во Прилеп. Воедно со оваа донација во СОУ „Р.Р. Ричко“, го поддржуваме развојот на младиот кадар“, рече директорот Солтер, повикувајќи ги и другите компании да го следат овој пример.

Директорот на Тутунски Комбинат од Прилеп,Кире Станкоски, и директорката на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“,потпишаа Меморандум за соработка.

„Ние секојдневно ги следиме стандардите на нашиот стратегиски партнер ‘Филип Морис’, како производ на тоа, целокупната реколта што ја откупуваме од нашите кооперанти ја продаваме на ‘Филип Морис’, воедно и она што го ветивме минатата година. Почнавме со производство на прогресивен формат на цигари, ‘Честерфилд 70’,а пред месец и со производство на ‘Марлборо’. Целта е да се вратат светските стандарди во производството на цигари и да го вратиме Тутунски Комбинат на старите патеки, што ги знаеме од пред 20-30 години“, истакна директорот Станкоски.

Директорката на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, Билјана Трајкоска со благодарност до компанијата за донацијата и на Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски,за соработката и за остварените инвестиции досега.

„Со реализација на овој проект на многу повисоко ниво се издигна квалитетот на наставата, за да може учениците потоа активно да се вклучат на пазарот на трудот, како стручно оспособени да бидат на располагање на Тутунски Комбинат. Изразувам огромна благодарност до локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, зашто од стартот ја прифатијата иницијативата на компанијата и ни дадоа поддршка, одобрија средства за да се реконструираат по долги години (од 1992) санитарните јазли во едно од крилата на училиштето“, подвлече директорката Трајкоска, која што на директорот на „Филип Морис“, му врачи благодарница и обработена фотографија со повеќе техники од учениците.

Градоначалникот Јованоски,претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, пратеникот Хари Локвенец со  владината делегација, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Горан Сугарески,претставници од бизнис секторот ги посетија двата кабинета во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“,а пред тоа и новата инвестиција во фабриката за цигари на Тутунски комбинат-Прилеп.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …