Филип Стојаноски по втор пат прв стигна до светиот крст

Меѓу 110-те момчиња и девојчиња кои денеска се фрлија во водите на базенот од аквапаркот кај хотелот „Салида“ во Прилеп, со желба први да стигнат до светиот крст, најсреќен и најумешен беше 26 годишниот Филип Стојаноски, вработен во Армијата на Република Северна Македонија.

„По осми пат скокам по светиот крст, а втор пат стигнувам најбрзо до него. На сите православни христијани им го честитам празникот Богојавление – Водици и им посакувам многу здравје и среќа. Пред 4 години исто така бев најбрз и таа година ми донесе здравје и вработување“, изјави Стојаноски.

Илија Јованоски, градоначалникот на Прилеп кој заедно со првиот човек на Советот на општина Прилеп, Миле Талевски присуствуваа на чинот на положувањето на крстот во водите на базенот, на Стојаноски му врачи подароци, а нему и на сите свои сограѓани им посака многу здравје, среќа, љубов, мир и спокојство во нивните семејства.

„На Филип Стојаноски му го честитам фаќањето на светиот крст и му посакувам се’ најдобро. На сите граѓани на општина Прилеп им посакувам добро здравје, среќа, радост, љубов и бериќет, да има мир и спокој во секое семејство, да има разбирање, меѓусебно почитување и доверба, да се здрави и живи“, истакна градоначалникот Јованоски.

Богојавленскиот водосвет, односно чинот на положување на крстот во водите беше извршен и во петнаесетина населени места на територијата на општина Прилеп: Селце, Витолиште, Мало Коњари, Големо Коњари, Кадино село, Ново Лагово, Штавица, Чепигово, Беровци, Ерековци, Подмол, Клепач и Тополчани. Покрај градоначалникот, претседателот на Совет и месното население, на традиционалниот чин присуствуваа и претставници на Советот на општина Прилеп, државни институции и на јавните комунални претпријатија.

Во раните утрински часови од денешниот ден, градоначалникот Јованоски и претседателот на општинскиот Совет, Талевски, присуствуваа и на традиционалниот чин на пуштање гулаб во црквата „Св.Благовештение“, како гласник и симбол на мирот.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …