Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неспособноста, корупцијата и лагите се на директна штета на граѓаните за што директно го обвини Мицкоски.
Филипче посочи дека Владата нема одговор за серијата случаи со загадена вода низ државата и дека граѓаните остануваат без информации за ризиците по нивното здравје, додека никој не презема одговорност за труењето на граѓаните.
„Водата е загадена во пола држава: Во Гостивар, во Валандово, во Скопје, во повеќе општини, а немате одговор на многу прашања. Чија е одговорноста, кој правел контрола, зошто не се јавувале и пријавувале соодветно резултатите? Зошто не ги објавувате резултатите од водата во Гостивар? Зошто имате контрадикторни изјави, вие едно, министерот за здравство друго, дека наводно ќе била добра за пиење, а потоа ќе била само технички исправна водата? Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат“, праша Филипче.
Осврнувајќи се на животниот стандард, претседателот на СДСМ истакна дека реалноста целосно ги демантира владините тврдења.
„Паѓаат во вода приказните за стандардот. Секој ден ви е полна устата: четврти сме биле во Европа, трети, сега сме први, ама луѓето знаат како живеат. Тие живеат на работ на егзистенцијата. И сега Евростат го потврди тоа: последни сме во Европа по стандардот и по примањата, најниско, на дното“, рече Филипче.
Тој додаде дека додека цените растат, платите остануваат замрзнати.
„Нема најави за зголемување на платите. Сè порасна, сите цени се зголемија, освен платите. Тие стагнираат, луѓето се на работ на егзистенција“, рече Филипче.
Во делот за корупцијата, Филипче потсети на последните оценки од Европскиот парламент за состојбата во државата.
„Последниот извештај на Европскиот парламент, еден од најлошите досега во оваа смисла, покажува лошо справување со корупцијата, директно влијание на власта врз независното судство. И вие немате никаква реакција на тоа. Напротив, продолжувате со партизација на судовите“, потенцираше претседателот на СДСМ.
Филипче ја критикуваше и намерата на Владата да донесе закон со кој, како што рече, ќе се заобиколат системските правила за јавни набавки.
„Вчера предлагате закон со кој сакате да потрошите 20 милиони евра, заобиколувајќи ги сите системски закони во државава за јавни набавки. Па добро, што е целта? Каква е таа европска практика? Никаква. Ваша, на оваа власт, која се занимава само со коруптивни тендери од почетокот на владеењето“, нагласи Филипче.
Во однос на европската интеграција, тој оцени дека Владата самата ги демантирала наративите што ги пласирала со години.
„Самите се демантирате… За пред некој ден да признаете, и вие и министерот за надворешни работи, дека сето тоа што сте го зборувале не било вистина. Па зар сега не се потврдуваат нашите тези и тоа што ние го зборуваме? Дека намерно не сакате во Европа? Дека намерно го блокиравте европскиот пат?“, рече Филипче.
На крајот, претседателот на СДСМ му постави директно прашање на премиерот за политичката одговорност.
„Моето прашање е следно: кој е, премиере, крив за овие работи? Јас знам, вие ќе кажете Венко е крив, СДСМ е крива за сè ова, меѓутоа граѓаните знаат дека вие ја сносите одговорноста за сите овие работи. Но сакам тоа да го слушнам од вас. Кој е крив за сите овие работи во државата?“, праша Филипче.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место