Филипче го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од кинески „Синофарм“

Филипче го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од кинески „Синофарм“

Министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за набавка на вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со договорот, Република Северна Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200.000 вакцини кои ќе пристигнат овој месец. Од Министерството за здравство велат дека точниот датум на пристигање и сите други информации ќе се знаат деновиве.

„Почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи“, велат во министерството.

Вакцините од Кина во нашата земја ќе пристигнат на аеродромот во Скопје. Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата.
Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина.

„Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од два до осум степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината. Овој тип на вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по било кој основ. Конкретно за оваа вакцина на „Синофарм“, термините за вакцинација во јавните здравствени установи ќе бидат на 10 минути, по пациент. Јавните здравствени установи ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво“, информираат во министерството.

Според Националниот план за вакицнација против ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од „Фаза 1“, како и возрасните граѓани над 70 години.

„Сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирани и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови. Воведување на ковид-19 вакцинација ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија. Имунизацијата е силно оружје во борба со корона вирусот, но и покрај тоа здравствените мерки за лична заштита задолжително треба и понатаму да се почитуваат“, препорачуваат во министерството.

Професорот од Медицинскиот факултет Никола Пановски, неодамна за Мета.мк објасни дека вакцината од „Синофарм“ е класична вакцина произведена од мртов вирус и не е направена со нова технологија. Тој посочува дека детали околу самите вакцини кои со сигурност може да се потврдат ќе се знаат за две-три години.

„Некој лани да ми речеше дека би требало да се вакцинирам со вакцина од Истокот, веројатно ќе беше навреда, а сега излегува дека тоа е добра опција“, вели Пановски додавајќи дека во однос на вакцините можеме да се потпреме и на истокот и земјите како Индија и Кина кои се гиганти. На квалитетот на вакцината треба да се гледа како за некој друг бренд. Производите им се рамни на западните, се надевам дека и вакцините се такви, квалитетни. Според ова што го гледаме како се справува западот, не треба источните опции да се отфрлаат. Ако дојде кинеската вакцина утре, јас прв ќе се вакцинирам“, рече Пановски.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …