Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ги повика граѓаните да се спротивстават на антидржавното и антинационално однесување на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со прашањето за мигрантите.
„Мислам дека мора да кажеме одлучно не. Време е да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не подржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на патриотската така наречена влада на ВМРО ДПМНЕ“, рече Филипче.
Тој нагласи дека е скандалозно и недозволиво што граѓаните за оваа тема не добиваат информации од својата влада, туку од британските медиуми кои објавија нови, алармантни детали за преговорите.
„Од британските медиуми дознаваме дека станува збор за разговори во кои се разгледува интеграција на мигрантите во македонското општество, нивно вклучување на пазарот на труд, особено во градежништвото, како и долгорочно населување во нашата држава. Дополнително, се објавуваат и детали дека Велика Британија планира да ѝ исплаќа на Македонија по 20.000 фунти, односно околу 20.000 евра по депортиран мигрант, согласно новиот модел за таканаречени повратни центри.“
Филипче предупреди и на искуствата од Европа, а европската статистика покажува дека со лошо спроведени политики на интеграција на мигранти се случуваат големи проблеми во државите и во општествата каде што тие доаѓаат.
„Насилства, криминал, немири, тепачки. Дури и многу поразвиени земји од Македонија имаат голем проблем со мигрантите. Германија, Британија, Шведска тешко се справуваат со овој проблем и тоа го гледаме низ медиумите изминатите неколку години. И самата Британија има проблеми со мигрантите и тоа веќе трае предолго време. Кога овие развиени земји тешко се справуваат, како ли само ние ќе се справиме со овој проблем во нашата земја кога имаме нефункционални институции.“, потенцираше Филипче.
Тој нагласи дека цената на ваквите политики би била висока и повика граѓаните да се вклучат за зачувување на безбедноста на земјата.
„Дали е ова, цената што треба да се плати за да се добие кредит од 6 милијарди евра, кои што ќе ги плаќаат многу следни генерации, следните децении, за да ова влада тие пари ги потроши на договори во четири очи. Не смееме да дозволиме насилно внесување на мигранти во нашата земја. Ги повикувам сите граѓани, помогнете да ја зачуваме нашата татковина. Помогнете да ја зачуваме безбедноста и иднината на Македонија.“, истакна Филипче.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место