Филипче: Не може сите да страдаме зашто некој не се вакцинира

Филипче: Не може сите да страдаме зашто некој не се вакцинира

Иако вакцинацијата не е задолжителна, во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, затоа е и вакцината измислена, за да се врати животот во нормала. Ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска со премиерот Зоран Заев извршија увид на Клиниката за ортопедија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

– Бевме свесни дека ќе се соочиме со антиваксинална кампања. Исто како што се соочивме пред две години кога беше актуелна пандемијата со морбили. Меѓутоа, тогаш како инструмент ја имавме на располагање вакцинацијата и веднаш интервениравме и се сузби епидемијата, за нецели шест месеци значајно се зголеми опфатот на вакцинација. Тогаш воведовме забрана децата да се примаат невакцинирани во градинки и во училишта. Тоа треба да е еден знак и показател што значи и какво моќно оружје е вакцината во борба против пандемијата – рече Филипче.

Тој информира дека ги следат трендовите насекаде во регионот и кажа дека некоја голема разлика во опфатот со вакцинација нема. Рече дека ќе го одржат активен системот со вакцинација, односно сите пунктови за вакцинација да бидат отворени, а граѓаните да се пријавуваат без термин.

– Теренската вакцинација ќе оди по систем на ротација. Тоа значи ако некое место е поминато, кога ќе се поминат сите други места околу тој здравствен дом, ќе се повтори циклусот. Отворени се вакциналните пунктови за деца. Околу 1.800 деца се пријавени, а околу 500 веќе се вакцинирани. Меѓутоа сето тоа не е процент што може да не заштити од нов бран. Граѓаните треба да се свесни дека ако не се вакцинираат има сериозно голема шанса да заболат од болест предизвикана од вирус кој многу веројатно ќе ги смести во болница и многу веројатно има голема шанса да имаат компликации. А го имаат овој механизам, инструмент да се вакцинираат и да се заштитат – рече тој.

Во однос на индискиот сој на вирусот, потсети дека во последната недела се детектирани уште пет случаи, од кои три во Скопје, по еден во Тетово и во Куманово, од вкупно осум анализирани. Рече дека освен него, ги има и другите соеви.

-За сите соеви, за сите мутации на вирус, вакцината е единствениот спас и мора граѓаните да се свесни дека тоа е начинот на кој ние можеме да ставиме крај, нагласи Филипче.  Информира дека во овој момент прават анализи колку се вакцинирани секторите. Во здравствениот сектор има прилично висок процент, над 85 отсто, од вработените во градинките над 50 отсто, или 54-55, и еднакво толку во основните и во средните училишта – додаде министерот.

Прочитајте повеќе

„Нема откажување од иднината“ - СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

„Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска …