Филипче за Мицкоски

Филипче: Оваа Влада нема да издржи до 2028 година

Господине Филипче, периодов поголем предизвик за Вас како лидер е да го одржите единството во партијата или да го вратите рејтингот?

Гледајте, јас се занимавам со менаџирање на еден комплексен систем што се вика политичка партија, а кога се менаџира голема политичка партија како СДСМ, обврска и задача на претседателот е да ги знае сите трикови. Така да ги менаџирам луѓето, различните желби, интереси, различните доживувања.

Во контекст на тоа имавме успешен конгрес пред практично една недела на којашто се разви навистина добра и продуктивна дебата. Тој конгрес согласно статутот, беше конгрес на којшто се разговараше и дебатираше за резултатите од локалните избори во 2025, меѓутоа како и секогаш се отворија многу други теми, имаше одлични предлози, имаше одлични сугестии. И од таа дебата практично еве веќе сега во партиските тела и органи се структурираат предлог промени во делот на Статутот, коишто се на барање на членовите, што значи дека владее една навистина демократска атмосфера во која секој глас е важен, секој еден глас се слуша и секој може да се инкорпорира, секој конструктивен и продуктивен предлог да се инкорпорира во тоа што значи партиско работење и начин на креирање на политиките.

И во другиот дел, враќањето на рејтингот, нешто за што сметам дека прво е потребно време. Меѓутоа еве времето постепено поминува и сум прилично сигурен, а и некои наши истражувања коишто ги правевме непосредно сега во изминатите две недели укажуваат на тоа дека перцепцијата кај граѓаните постепено се менува. Свесни се дека оваа власт не може да ги испорача лажните политики коишто ги ветуваше и дека практично СДСМ е единствениот државотворен фактор којшто може вистински да се грижи за државата.

Сметате дека можете тоа да го постигнете со заострената реторика којашто се забележува во последно време и на прес-конференции и во соопштенијата?

Не само што сметам, јас сум сигурен. Ние за таа реторика, каква и да е, имаме сериозни аргументи. Работите на коишто укажуваме, дека државата не оди во добар правец, изолацијата во којашто оваа власт не тера, криминалните тендери и постапки коишто ги организираат за свои луѓе, врските со Путин коишто се видливи на ниво на вицепремиер на Владата, влезот на сомнителен капитал од Србија, понатаму маргинализацијата од сите меѓународни институции, настапот на нашиот премиер во Давос кога ниту еден политичар не го прими – сето тоа ни укажува дека државата не оди во добар правец.

Дополнително на тоа, немањето добри политики за граѓаните – еве гледајте минатата недела се случи генерален протест на Сојузот на синдикати. Тие луѓе протестираат со издржани аргументи, со реални потреби и барања на работниците за што Владата во континуитет нема слух. Така да на ниво на внатрешно менаџирање на државата, со кризата којашто не очекува поради огромната дупка, дефицит на средства во буџетот и со меѓународната изолација, оваа Влада не и мисли добро на државата.

Ќе се задржам уште малку на партиските случувања, па ќе се вратиме на случувањата во државата. Имате ли информација за некаква внатрепартиска платформа или иницијатива за Ваша промена?

Не, таква работа нема. Еве кажав што се случуваше на Конгресот, навистина добри предлози, сугестии, отворени, искрени, чесни дискусии од дискутантите, пофалби и критики коишто беа аргументирани. Што се однесува до овие шпекулации коишто и јас ги слушам, меѓутоа нема вистина во тоа, може да кажам една работа – јас имам легитимен мандат. Мене пред неколку месеци ме гласаа 20.000 членови да ја водам партијата во следниот четиригодишен мандат. Вратите се отворени за сите.

Притисок кај мене не врши работа, ниту може некако и нешто да придонесе. Гледаме разни излети на партиски другари во јавноста, што мислам дека не е коректно, поради тоа што работите, забелешките се кажуваат тука во партијата. Кој што има да каже нека каже, вратите се отворени за сите.

Стравувате ли, да речеме, од некаков пуч во СДСМ?

Не стравувам од ништо поради тоа што праведните политики, искрената желба и волја, искрената намера партијата повторно да ја вратиме на победничките патеки е на моја, односно на страна на раководството. Секој е добредојден и повторно ќе кажам нормално е да немаат сите исто мислење, ниту пак да се сите задоволни од мојот начин на менаџирање, меѓутоа јас сум отворен за сите тие сугестии да ги слушнам тука во партијата.

Затоа што како што видовме по примерот на Движењето ЗНАМ, кое се формираше пред повеќе години, неколку изборни циклуси, единствено во насока на којашто оди таа фрагментација на СДСМ, оди во корист на ВМРО-ДПМНЕ. И ние знаеме за таа комуникација и поддршка којашто ја имаа и во периодот кога се формираше, а сега и формално кога се во коалиција, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се поранешни наши членови. Значи секоја дополнителна фрагментација на партијата оди единствено во корист на ВМРО-ДПМНЕ и, за жал, во никаква корист за граѓаните или за државата.

Обвинителството оформи предмет за наводни притисоци од Вас како министер за здравство и поранешниот премиер Зоран Заев врз докторот Жан Митрев за продажба на неговата клиника. Дали воопшто сте воделе некакви разговори со докторот Жан Митрев?

Никакви разговори во овој контекст. Тука се поставува прашањето зошто Жан Митрев до сега не поднел пријава во обвинителство? И зошто сега, откако го објави на тој начин во јавноста, не поднесе пријава во обвинителство туку чека обвинителството тоа да го направи по допрен глас? Очигледно дека нешто не е како што треба и дека станува збор за монтиран случај. Повторно некој монтиран, измислен рекет случај. Но како и да е, ќе чекаме обвинителството да се изјасни, а откако ќе констатира дека ништо од тоа не е вистина, е тогаш ќе поднесам приватна тужба против Жан Митрев за нарушување на честа и угледот, заради тоа што тоа за мене е највредно во животот. Јас макотрпно сум работел и некорумпирано, ниту на Клиниката за неврохирургија, ниту во рамките на мојата јавна функција во Министерството за здравство немало системска корупција и нема да дозволам некој да ми ги валка честа и угледот, заради тоа што за мене тоа е највредно.

Ја обвинувате власта за оска со Александар Вучиќ и Виктор Орбан. На што ги темелите ваквите тврдења за врска со српската и унгарската влада?

Не ги обвинуваме ние, тоа стои напишано во извештајот на Европскиот парламент. Тоа го констатирале европските институции, а ние сме само сведоци дека секојдневно се случува врската со Орбан преку кредитот којшто стигна од сомнително потекло од милијарда евра, за којшто никој не знае ниту кажува каде се парите. Очигледно дека се потрошени. Требаше да бидат наменети за општините, требаше да бидат наменети за компаниите, нема никаков отчет, целосно нетранспарентно земање на тој заем и уште понетранспарентно трошење на, внимавајте, милијарда евра коишто ќе ги враќаат следните генерации. Не знаеме каде се.

Понатаму каква е таа релација на вицепремиерот Стоиљковиќ со луѓе блиски на Путин, со средби со „Ноќните волци“, луѓе блиски до Путин? Пазете, вицепремиер во држава го прави тоа. Понатаму, следниот аргумент, доаѓањето на АЛТА банка за којашто знаеме – кој ги прати медиумите во соседството се знае дека тоа е сомнителен капитал, којашто банка беше одбиена од земја членка во ЕУ кога сакаше да влезе и да функционира и да работи во ЕУ. Па што сме ние? Отпад во којшто може се да се смести?

Значи не сме ние тие коишто обвинуваме, тоа го кажува Европа, констатирано е од страна на Европскиот парламент, внесено е официјално во извештајот за Северна Македонија, а ние само го аргументираме дополнително со вакви случаи за коишто во ниту еден момент нема демант од нашата Влада.

Извор: РСЕ

Целото интервју ТУКА

Прочитајте повеќе

Светска премиера на „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал

Светска премиера на „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал

Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски синоќа имаше светска премиера пред публика, која не …