Филипче: Првите вакцини од Фајзер и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз, планот за вакцинација е подготвен

Филипче: Првите вакцини од Фајзер и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз, планот за вакцинација е подготвен

Не постои законска пречка за прием на вакцините против ковид-19 во нашата земја, информира министерот за здравство Венко Филипче по обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека владата е неспособна и го закочила процесот на примање на 8.000 вакцини од Србија. Наспроти тврдењата на Мицкоски дека процесот е закочен бидејќи вакцината не е регистрирана и има отсуство на план за регистрација, министерот тврди дека 8.000 дози вакцини од Србија треба да пристигнат во нашата земја со интервентен увоз.

„Измената на Законот за лекови е поради глобалната политика на Фајзер кои инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво коешто е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа“, одговори министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека Србија е единствената земја во целиот регион каде има локално претставништво на Фајзер и тоа на некој начин им ги забрзало работите. Филипче тврди дека производителот Фајзер се согласил првите количини вакцини кои ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија да дојдат со т.н интервентен увоз, за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација.

Производителот Фајзер на нашата земја и излезе во пресрет, несакајќи да се забави динамиката на пристигнување на вакцините.

„Со оглед на тоа што инсистираат регистрацијата да се случи кога тогаш, несакајќи да ја забават динамиката на пристигнување на вакцините, се согласија тоа да биде за следните количини, во следните месеци поради тоа што ние поднесовме измена на Законот за лекови во Собранието за да овозможиме, оваа конкретна вакцина да се регистрира преку апликант кој не е регистриран како компанија во нашата земја“, објаснува Филипче.

Што се однесува до испораката на вакцините од Република Србија, Филипче појасни дека во моментов се чека одобрување од компанијата Фајзер, за интервентен увоз.

„Во интензивна комуникација сме со компанијата изминатите два дена, паралелно на нашите разговори во врска со нашиот директен договор, сега се чекаат и фајловите за да се дозволи таа количина од Србија да биде пратена во нашата земја. Тоа значи дека компанијата Фајзер води сметка за буквално сите количини кои ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји“, додава министерот.

Што се однесува до вакцините кои во земјава треба да стигнат преку Ковакс механизмот, министерот Филипче на 29 јануари ќе има состанок со претставниците од тој систем кога се очекува да добие информации кога и во кои количини вакцини ќе стигнат во нашата земја.

„Ние сме спремни со нашата инфраструктура, фрижидерите веќе се инсталирани, може тука да се складира огромна количина на вакцини. Подготвен е и планот за вакцинација, секако здравствените работници се први. Така да, во моментот кога ќе пристигнат вакцините имаме план по којшто ќе се постапува“, изјави министерот Филипче.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …