Филипче: Расте бројот на ковид-случаи, вакцинацијата стагнира

Филипче: Расте бројот на ковид-случаи, вакцинацијата стагнира

Бележиме зголемување на бројот на нови ковид-случаи, почнувајќи од пред две недели. Процентот на новите случаи минатата недела во однос на претходната недела се зголемува, и тоа за 25 отсто. Расте и Р0 (ер нула) факторот на преносливост, што е индикатор дека сега ќе има промена на стабилната епидемиолошка ситуација која ја имавме долг период. Ова го истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче. Тој предупреди граѓаните да бидат свесни и совесни со оглед на растот на нови случаи.

– Растот е очекуван, имајќи предвид што се случува во земјите во регионот. Силен удар има во болниците во земјите во регионот. Во Бугарија има речиси 5.000 нови случаи вчера, во Грција 8.600 нови случаи, расте бројот на нови случаи и на починати лица и во Србија, Хрватска. Кај нас, бројот на пациенти кои се хоспитализирани минатата недела бележи раст за 15 отсто. Во моментов 518 лица се во болница. Добро е што нема голем притисок во смисла на голем број на прегледи и голем пораст на пациенти. Ако се споредат претходните бранови, е намален бројот на хоспитализирани – рече министерот.

Тој информира дека најдоцна до почетокот на следната недела ќе заврши постапката на секвенционирање на вирусот, за да се види која варијација на вирусот е сега доминантна.

– Во однос на вакцините, досега се аплицирани над 1,6 милиони дози на вакцини. Трета доза примиле 46 илјади граѓани, а вакцина примиле и 5.000 деца до 18 години. За жал, во делот на вакцинација имаме стагнација. Граѓаните мора да се свесни дека тоа е единствениот начин на заштита. Вакцини имаме доволно – додаде тој.

Во државата има 1.068 активни ковид-случаи на деца до 18 години. Во болницата во Козле се лечат 23 деца и нема дете кое е во критична состојба.

– Скринингот во училиштата покажа дека 15 ученици биле позитивни на вирусот и сега е битно сите протоколи кои се пропишани, да важат во училиштата и да се почитуваат – истакна Филипче.

Тој информираше дека разговарал со претставници на компанијата „Мерк“ за новиот антивирусен лек. Освен од оваа компанија, и „Фајзер“ развива ваков лек.

– Ова се лекови кои не ја менуваат вакцината, туку после дијагностицирање на болеста може да се дадат овие лекови. Но, се уште не се одобрени. Американската агенција за лекови (FDA) ќе каже став наскоро во врска со употребата. Сакаме да направиме предрезервација на одредени количини откако ќе се завршат сите административни процедури – рече министерот.

Во врска со европскиот ковид сертификат кој е целосно признаен во земјите на ЕУ, Филипче кажа дека во петок ќе објасни како се симнува, како се користи, како се скенира кодот и за ајфон и за гугл системот.

Министерот апелира граѓаните да се свесни и совесни, а невакцинираните да се јават на вакцинација.

– Во други земји гледаме зголемување на бројот на случаи, но сепак не е голем притисокот каков што беше во минатите бранови. Тоа значи дека ефективноста на вакцините е голема, со оглед на тоа дека заразените поминуваат со полесна клиничка слика. Сега е сезона на семејни собири и слави. Враќањето на старите животни навики треба да е со почитување на одредени превентивни мерки – предупреди тој.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …