Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција по завршувањето на лидерската средба рече дека на граѓаните им е веќе јасно дека сѐ што досега го зборуваше најголемата опозициска партија се покажа како вистина.

„Сѐ што најавивме практично се случува. Нема ни збор за главните проблеми во државата“, истакна Филипче.

Тој нагласи дека на лидерската средба наместо да се зборува за клучните проблеми со кои се соочува државата, се покажало дека власта има единствена цел, што побрзо да оди на избори поради недостиг на финансиски средства.

„На власта ѝ се брза да направи избори затоа што пари нема. Дупката во буџетот е огромна, а следно што доаѓа, како што предупредивме, е проектот за мигранти за пари“, рече Филипче.

Филипче презентираше конкретни бројки за, како што рече, драматичната состојба со јавните финансии.

„Дупката во буџетот е огромна, недостасуваат околу 2 милијарди евра, и тоа конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во буџетот 680 милиони евра, доспеани и неподмирени обврски кон стопанството од околу 700 милиони евра, неисплатен поврат на ДДВ кон компаниите меѓу 100 и 150 милиони евра“, рече Филипче.

Притоа тој истакна дека следуваат нови задолжувања, еврообврзница, нови кредити.

„Сето тоа ќе се пополнува на грбот на народот. Во 2026 година нема да има пари за раст на платите“, предупреди Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на состојбите во земјоделството, потенцирајќи дека скандалот со ИПАРД програмата го потврдува сомнежот за злоупотреба на европски средства.

„Се потврди кражба на европски пари. Ние сме ставени на црната листа на Европа“, заклучи претседателот на СДСМ.

„Се случува силна антиевропска кампања. Се провоцираат судири со Грција и со Бугарија, се наметнуваат националистички теми, се измислуваат изговори за земјава да се држи во изолација. Ги спомнавме и активностите против нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави, вицепремиерот на владата Стоилковиќ на средба со ноќните волци блиски до рускиот претседател Путин“, рече Филипче.

Алармираме за огромниот степен на криминал и корупција којшто се случува изминатите година ипол, додаде тој.

„Ги разоткривме буквално сите планови на оваа власт. Укажавме дека се сузбива демократијата, дека се партизираат институциите, дека се ограничува слободата на говорот. Се донесе резолуција во Собранието со коешто, како во Третиот рајх, се ограничува што може, а што не може да каже опозицијата. И да не биде предоцна, ќе повториме уште еднаш за мигрантите дека и за тоа сме биле во право“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Прочитајте повеќе

Горива бензини дизел

Бензините поскапуваат за 1 денар

Oд ноќеска стапуваат во сила новите малопродажни цени на нафтените деривати кои се зголемуваат, одлучиле …