Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, го повика премиерот Мицкоски да свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес. Доколку не го стори тоа, тогаш како што рече Филипче, СДСМ како пратеничка група во Собранието ќе иницира затворена седница на која ВМРО ДПМНЕ и целокупното владино мнозинство, треба да појаснат дали има план и каков за продолжување на евроинтеграцискиот процес.
„ВМРО-ДМНЕ и целокупното владино мнозинство има обврска да каже како по тој пат понатаму. Очигледно е дека нивниот стратешки партнер Унгарија кажа дека не може да се меша и дека не може да помогне повеќе, така што владата има одговорност. Сметам дека премиерот има голема обврска, сега треба да го каже неговиот план и планот на Владата. Како ќе продолжиме, имаат ли план во која временска рамка ние ќе го направиме тоа? Размислуваат ли можеби да бидеме дел од некој друг сојуз, размислуваат ли да не’ остават да сме слепо црево во Балканот, да живееме сами, изолирани и без помош“, рече Филипче и додаде дека владејачката гарнитура нема ексклузивно право да го крие планот и идните чекори од јавноста.
Во интервјуто, Филипче потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветувања дека ќе ја подобри преговарачката позиција со ЕУ, но наместо тоа, ги влошија односите со соседите.
При тоа, Филипче потенцираше дека Владата очигледно нема желба да ги исполни условите од Преговарачката рамка за државата да продолжи по европскиот пат. Филипче посочи дека со раздвојувањето од Албанија, нашата држава ќе стои во место, доколку Владата не преземе конкретни чекори.
„Следува еден сериозен период во кој ние ќе треба да стоиме во место. Сега има еден план, на старо-новата претседателка на Европската комисија, од 2024 до 2029 година серозно да работат со земјите кои што се најнапред во процесот на преговори, со прием на пакет земји кои во кој треба да бидат Црна Гора, Албанија и Македонија. Но тоа нема да се случи ако не го сработиме тоа што треба. Тоа значи дека не’ чека сериозна работа во 2024, 2025 и 2026 година и ако не почнеме сега, сме го пропуштиле тој воз, остануваме со Молдавија, Украина, Босна, Украина“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.