Филипче: Секое неодговорно однесување на поединци може да нè врати на почетокот на кризата

Ако бројот на заболени од Ковид-19 утре е низок, министерот за здравство Венко Филипче најави постепено олеснување на рестриктивните мерки. Од идната недела први би почнале со работа ентитетите што организираат едукации, курсеви, автошколите, ќе бидат први кои ќе почнат да функционираат од идната недела, посочи Филипче на денешната прес-конференција. Тој потенцира дека таму каде што ќе може лесно да се воспостави дистанца, секој кој ќе може да воспостави шалтерски систем, ќе има приоритет.

Но од друга страна, министерот остро го осуди вчерашниот верски собир во Струга и повика на темелна истрага.

Коментирајќи го вчерашниот случај на групната литија во Струга, рече дека го осудува ваквиот чин кој за него е непочитување на здравствените работници и на сите други кои пожртвувано работат изминатиов период за да се надмине кризата.

„Ова е непочитување на здравствените работници и на сите други кои два и пол месеци пожртвувано работат за што побрзо да излеземе од оваа криза. Ова е непочитување и кон граѓаните. Од првиот момент повикуваме на солидарност и заштита на колективното здравје. Ги осудувам сите кои не ги почитуваат мерките и очекувам темелна истрага за Струга“, рече министерот Филипче додавајќи дека од институциите очекува поревносно да делуваат во вакви случаи.

Тој утрово разговарал телефонски со поглаварот на МПЦ, и побарал во интерес на граѓаните да нема собири на верниците.

Филипче, исто така, реагираше и на најавата на ИВЗ (по случајот со МПЦ во Струга) дека од 12 мај ќе ги отвори вратите на џамиите за верниците потсетувајќи дека сè уште е на сила забраната за групирање на повеќе од двајца луѓе.

„Апелирам да спречат групирање додека овие мерки се на сила. Секое неодговорно однесување на поединци, може да нè врати на почеток на кризата и тоа ќе се рефлектира на функционирањето на државата“, истакна Филипче.

Во овој момент посебни мерки за Струга, рече тој, засега не планираат да препорачаат.

„Ние во овој момент предлагаме и попуштање, релаксирање на движењето. Кога и да се случи каде и да се случи ваков настан е сериозен ризик. Колку и да ги почитува мерките мнозинстовото на граѓани, вакви настани можат сериозно да влијаат, зашто и преку најмала трансмисија може да се прошири“, предупреди Филипче.

Утрово бил одржан состанок со членовите на комисијата за заразни болести, на кој било предложено полицискиот час за време на викендот да започнува од 19 часот и да трае до 5 часот следниот ден.

„Тоа како предлог ќе го дадеме на денешната седница на Влада. Во однос на олабавувањето на мерките кое е предвидено да се предложи од понеделник, останува да ја следиме состојбата од денеска, и после состанокот утре да излеземе со соодветни мерки“, додаде тој.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …