Филипче со конкретни мерки: Да се укине акцизата за горивата и ДДВ да се намали на 5%

Филипче со конкретни мерки: Да се укине акцизата за горивата и ДДВ да се намали на 5%

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција предложи конкретни мерки за намалување на цените на горивата, од кои граѓаните ќе видат реален ефект. Филипче посочи дека мерките на Владата се повторно задоцнети и недоволни, без суштински ефект, додека граѓаните веќе подолг период се соочуваат со високи цени и растечки трошоци.

„Денешните предлог мерки од премиерот се задоцнети и недоволни. Затоа предлагаме Владата да ги слушне граѓаните, да излезе премиерот од неговиот свет на бајките и таканаречената елита, да ги слушне проблемите со кои што граѓаните се соочуваат и да ги имплементира следни мерки: да се укине акцизата на горивата и ДДВ-то да се намали од 18% на 5%“, рече Филипче.

Тој направи споредба што значат мерките на Влада, а што и каков бенефит ќе добијат граѓаните со мерките што ги предлага СДСМ, од што јасно се гледа дека со мерките на СДСМ граѓаните ќе имаат значајно олеснување, реално поголема куповна моќ и помал трошок за гориво.

„Доколку се имплементираат мерките на Владата, човек со просечна нето плата може да купи 513 литри евродизел или 535 литри Евросупер. Со нашите предлог мерки, ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе“, рече Филипче.

Филипче посочи дека разликата уште појасно се гледа кај граѓаните кои примаат минимална плата, за кои секое намалување на трошоците има директно значење за семејниот буџет.

Претседателот на СДСМ нагласи дека ова се мерки што ќе имаат поширок ефект врз економијата, бидејќи пониските цени на горивата можат да влијаат и врз останатите цени, особено во услови кога граѓаните се соочуваат со високи цени на основните производи.

„Сметаме дека ова се вистински мерки кои граѓаните ги заслужуваат, затоа што ова значајно намалување на цените на горивата, со поддршка од страна на државата, може да предизвика и некаков пад на останатите цени. Затоа што цените по маркетите се ужасни. Ние имаме поскапи цени од Германија – на прехранбени продукти, на пијалоци, на се’. И никој од оваа криминална арамиска влада за тоа не е заинтересиран, заинтересирани се само за партиските тендери со коишто крадат народни пари“, рече Филипче.

Прочитајте повеќе

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседател на земјата – функција …