Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција презентираше конкретно решение како преку ребаланс на Буџетот да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата на работниците, а истовремено и поддршка за компаниите за да можат ликвидно да работат.
Филипче нагласи дека пари во Буџетот има, односно дека има ставки од каде што може да се обезбедат средства за 600 евра минимална плата. Како што кажа, според предлог законот кој што го поднесе СДСМ за исплата на повисока минимална плата, потребни се 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра, и тие можат да се обезбедат од неколку ставки.
„Првата ставка категорија 42 од Буџетот, стоки и каде што се планирани 27,5 милијарди денари. И тука влегуваат патни дневни расходи, договорни услуги, репрезентации, ручеци, нови коли, мебел, комфор за функционерите од власта. Ако се скрати помеѓу 20-30 % од оваа категорија се стигнува до сума на пари од 5,5-8 милијарди денари односно 90 до 130 милиони евра. И веќе тука се задоволуваат потребите за зголемување на платите на работниците“, рече Филипче.
Тој додаде дека втората најголема ставка во Буџетот е категоријата 46 – субвенции трансфери, ставка 464 разни трансфери.
„Имајќи предвид дека со формираа нови министерства, дека тука кабинети се опремуваат се вработуваат повторно по партиски клуч луѓе, имаме категорија 46 – субвенции трансфери, ставка 464 разни трансфери којашто е тешка 22 милијарди денари од кои што со 20-тина проценти да се обезбедат кратење, да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра“, рече Филипче.
На овој начин како што кажа Филипче, од само две категории 46 и 42 може да се обезбедат помеѓу 130 или 205 милиони евра и за повисока минимална плата и за поддршка на компаниите, и со тоа практично власта ќе нема простор за изговори.
„Тоа е сосема доволна сума на пари. Прво да се зголемат платите на работниците до 600 евра и да се излезе во пресрет на барањето и потребата на приватните компании да се субвенционираат придонесите, со цел и приватните компании да ги зголемат платите на работниците без да имаат дополнителен терет во плаќање на придонесите. Нека дадат предлог за ребаланс, веднаш ќе го поддржиме во Собранието“, посочи Филипче.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место