Филипче: Со скринингот на учениците може да се откријат асимптоматски случаи на ковид

Моделот за скринингот е готов, задоцнивме една недела. Подолго траеше анализата на бројот на ученици во основно и во средно образование, па од утре ќе почнеме да бараме писмена согласност од родителите, а во текот на следната недела ќе го спроведеме скринингот. Целта е да видиме дали ќе откриеме асимптоматски деца и потоа ќе одлучуваме, изјави пред малку министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека не очекува дека ќе има силен бран и не очекува дека ќе има притисок во болниците.

– Апелирам до родителите да го прифатат скринингот, верувам дека процесот на обезбедување согласности ќе оди брзо зашто тоа ќе се одвива преку е-дневникот. На децата ќе им се земе обичен брис. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, имаме до 15 деца хоспитализирани во Козле. Битно е да знаеме дали има асимптоматски случаи меѓу децата – рече Филипче.

Тој информира дека бројот на новодијагностицирани случаи се намалува и дека нема метеж за тестирање во центрите за јавно здравје.

– Во силните бранови имаше редици од луѓе, лабораторијата е веднаш до Министерството за здравство, а сега нема луѓе кои доаѓаат, што значи дека термини има. Инаку силен бран не мислам дека ќе има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни. Вакцинацијата си го прави своето, луѓето треба да знаат дека ако се заразат вакцинирани лица тоа ќе биде со полесна форма на болеста. Не очекуваме силен бран и притисок кон болниците, но сме спремни да се прифатат пациентите во било кој град – рече министерот.

Тој укажа уште еднаш дека со вакцинацијата се штити јавното здравје и сопственото здравје, но и здравствениот систем зашто болниците можат нормално да работат.

– Околу 790 илјади граѓни се вакцинирани со најмалку една доза, а 750 илјади се ревакцинирани. Според овие бројки, 45 отсто од возрасното население е вакцинирано. Тешко е да се предвиди како ќе се движи ситуацијата со вирусот. Има различни студии. Освен мерките и кампањите, некои други земји посегнуваат кон препорака задолжителна да биде вакцината, но ние не размислуваме за тоа, иако и тоа не е исклучено. Ќе видиме дали овој опфат со вакцина ќе ги намалува бројките и врз основа на тие анализи би носеле нови одлуки – рече Филипче.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Преку апликацијата ДИА, дијабетичарите секојдневно можат да внесуваат податоци поврзани со своето здравје и нивоата …