Филипче: Вакцинацијата против ковид-19 ќе почне месецов со кинеските вакцини

Филипче: Вакцинацијата против ковид-19 ќе почне месецов со кинеските вакцини

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека вакцинацијата против ковид-19 ќе започне месецов со 200.000 дози на кинески вакцини, за кои транспортот ќе го организира Министерството за здравство.

„Не би шпекулирал во однос на точниот датум, меѓутоа за многу кратко време ќе го знаеме и тоа, после што истиот ќе го објавиме“, изјави министерот Филипче.

Тој најави дека со кинеските вакцини ќе се започне вакцинирањето на сите приоритетни групи. Филипче потенцира дека сите вакцини коишто се наоѓаат на пазарот се безбедни и нема задршка кон ниту една вакцина, како и дека сите се развиени на безбедни платформи.

Министерот изјави дека како и во случајот со „Фајзер“, се одвиваат директни преговори и со кинеската компанија за набавка на вакцините.

И покрај комплицираните преговори со многу детали и големата побарувачка на вакцини од целиот свет, министерот Филипче рече дека продолжува комуникацијата со „Фајзер“, со нивните претставништва во Белград и во Романија, од каде се чекаат документите за да се дозволи Србија да ги извезе вакцините кои вети дека ќе ѝ ги испорача на земјава.

Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Инаку, преку КОВАКС системот, Македонија ќе добие од 103.200 до 175.200 дози на вакцината AstraZeneca, од кои до крајот на март треба да пристигнат минимум 36.120 дози од оваа вакцина на фармацевтската компанија „АстраЗенека“, изработена во соработка со Универзитетот во Оксфорд.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …