Филипче: Вкупно 70 отсто од здравствените работници сакаат да се вакцинираат

Седумдесет отсто од здравствените работници сакаат да се вакцинираат со вакцини против ковид-19, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма. Тој кажа дека здравствените работници што сега се пријавиле, испратиле добар сигнал.

„Вкупно 70 отсто од целокупниот број на здравствени работници кажаа дека сакаат да се вакцинираат. Вакцините се безбедни, развиени на сигурни платформи. Штитат стопроцентно, буквално сите вакцини кои се сега на пазарот од смрт и од тешка форма на болеста. Тоа е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата во светот“, нагласи Филипче.

Тој информира дека начинот на кој биле регрутирани здравствените работници кои сакаат да се вакцинираат, бил со упатување на писмо до секој директор, до вработените кои работеле со ковид- пациенти, не само во самата институција, туку и оние здравствени работници кои биле вклучени во системот на ротација да покажат волја за вакцинирање.

„Ги добивме назад списоците со име и презиме и на тие пријавени здравствени работници се направи соодветниот распоред. Во точниот ден и делот од денот со саатница и минути за да се јават на вакцинација. Одлично оди вакцинацијата. Сакавме почетокот да биде централизиран и под контрола. Тоа значи дека сите вработени кои изразија интерес – здравствени работници, доктори, медицински сестри кои работат со ковид-пациенти ќе бидат вакцинирани во пунктот кај инфективната клиника. Овие два до три дена прво институциите во Скопје, а после тоа вработените во другите болници ширум државата ќе доаѓаат во овој пункт, и вработените во приватните болници“, истакна Филипче.

Тој кажа дека Северна Македонија ќе биде една од ретките земји што целосно ќе ги има вакцинирано сите здравствени работници кои работат со ковид-пациенти.

„Сакаме сите кои работат со ковид пациенти да бидат вакцинирани на едно место. Со таа динамика од 300 до 500 за многу брзо време ќе стигнеме до 4.000 вработени. Тоа е бројка којашто е сега организирана, во следниот момент кога ќе стигнат останатите количини на вакцини системот на вакцинација ќе се дисперзира насекаде низ државата. Во сите вакцинални пунктови, во сите здравствени домови капацитетот за вакцинирање помеѓу 2.500 и 4.000 согласно пријавените на ден. Тоа е сосем задоволителна бројка и навистина може за кратко време еден сериозен процент од населението, надвор од здравствените работници да се вакцинира за што побрзо да се постигне колективен имунитет“, додаде Филипче.

Вчера започна процесот на имунизација против ковид-19 во земјава. Во модуларната болница која се наоѓа до Клиниката за инфективни болести, здравствените работници кои работат на клиниката ја добија првата доза од вакцината на „Фајзер“, која ја добивме како донација од Србија. Според најавите, во следниве седум до 10 дена, треба да се вакцинираат сите здравствени работници со прва доза.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …