Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната панел дискусија „Обликување на Европа заедно: Прогресивни гласови од Западен Балкан“ што се одржа во Барселона во организација на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), нагласи дека власта во Македонија ја блокира европската интеграција на државата користејќи измислени изговори и избегнувајќи ги клучните обврски што треба да се исполнат на патот кон Европската Унија.
„Работите се променија по она што го направи владата на СДСМ од 2017 до 2024 година во напредокот најпрво кон НАТО, а потоа и кон ЕУ. Сега имаме десничарска влада која е целосно против интеграцијата на земјата во Европската Унија. Тие не продолжуваат со она што е неопходно да се направи, а тоа се уставните измени за внесување на бугарското, хрватското и другите малцинства во преамбулата на Уставот, тврдејќи дека тоа ќе му наштети на нашиот национален идентитет“, рече Филипче.
Тој додаде дека ваквите тврдења на ВМРО не се реални, туку служат како изговор за одложување на европската интеграција и за одржување на политички сојузи кои, како што посочи, се спротивни на стратешките интереси на државата.
„Реалноста е дека тоа е само изговор, затоа што сакаат да продолжат со својата коалиција со српскиот претседател Вучиќ и до неодамна со премиерот на Унгарија, Орбан, кој целосно го контролираше тој правец од Будимпешта до Белград и до Скопје – политички, финансиски, преку бизниси и преку медиуми“, рече Филипче.
Говорејќи за проширувањето на Европската Унија, во обраќањето, Филипче порача дека прогресивните сили не смеат да дозволат билатералните прашања да се злоупотребуваат како алатка за блокади во процесот на проширување. Тој предупреди дека секое ново вето или блокада сериозно му штети на процесот на интеграција и ја намалува довербата на граѓаните во Европската Унија.
„Секое ново вето или блокада силно му штети не само на процесот, туку ја поткопува и довербата на нашите граѓани во вредностите на ЕУ. Иако Копенхашките критериуми, вклучително и строгата примена на владеењето на правото и добрососедските односи, треба да се почитуваат, тоа не е зелено светло за неразумни блокади“, рече Филипче.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место