Филипче: Започна набавката на безболни сензори за дијабетес

Два дена по објавата на интервјуто на Мета.мк со 16 годишната Миа Чичкариќ која боледува од јувенилен дијабетес тип 1, министерот за здравство Венко Филипче најави набавка на безболни сензори. Токму тоа Миа го побара во даденото интервју велејќи дека нејзина најголема желба е сите деца да добијат сензори за мерење на гликемијата за да не ги болат прстињата од боцкање со мерачите кои сега се користат кај нас.

„Кога ја прочитав вчерашна сторија за 16 годишната Миа која има дијабетес веднаш ја исконтактирав и ја поканив да се сретнеме. Миа и нејзината мајка Јасмина денеска на мое големо задоволство ми беа гости на работа. Лично сакав да ѝ соопштам дека денеска започна постапката за набавка на сензори за дијабет кои за првпат во нашата земја ќе им бидат достапни бесплатно на пациентите“, напиша министерот Венко Филипче во својата објава на Фејсбук.

Како што додаде тој, во првата фаза ќе бидат набавени сензори за сите деца до 18 години, а со следната набавка ќе се зголеми и годишната граница.

„Наша цел е да обезедиме бесплатни сензори за сите пациенти со дијабетес и со тоа значително да им го зголемиме квалитетот на животот“, инфомира Филипче додавајќи дека ова е последниот сегмент за промена на сликата за третманот на пациентите со дијабет

„Сега ги имаме најсовремените оригинални инсулини, со кои обезбедуваме третман на дијабетот по примерот на земјите во Европа“, информира министерот Филипче.

Мајката на Миа, Јасмина Чичкариќ, за „Мета“ објаснува дека на средбата со министерот тој побарал да го види апаратчето кое девојчето сега го користи за мерење на гликемијата и кое нејзините родители го набавуваат од странство. Едно од овие апаратчиња чини 60 евра и може да се користи најмногу две недели.

„Тој нè увери дека најдоцна до Нова година ќе ги имаме сензорите во државата и дека ќе им бидат достапни на дечињата со дијабетес. Многу сме задоволни и јас и моето девојче, што конечно ќе ни се олесни битката која секојдневно ја водиме“, вели мајката Јасмина.

Миа учи во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. За тип 1 јувенилниот дијабетес, не постои друг лек освен инсулинот.

„Мета“ денеска искомуницира и со Наташа Деспотовска Димитриевска, претседателка на „Баланс – Мк“ асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија. Таа кажа дека за овој проблем со недостапност на сензори за безболно мерење на гликемија досега тие се обратиле до сите надлежни иснтитуции.

„Секаде во светот овие апаратчиња се бесплатни. Нашите деца се категоризирани со највисок степен на инвалидитет заради тип 1 дијабетесот. Имавме и ние неодамна средба со надлежните и се надеваме дека конечно ова ветување ќе биде исполнето“, вели Деспотовска Димитриевска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Со државна церемонија беше оддадена почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија и им беа предадени на семејствата

Со државна церемонија беше оддадена почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија и им беа предадени на семејствата

Со државно-воена церемонија, денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје беше организиран пречек на посмртните останки …