Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември во Филхармонијата по повод 30-годишнината од неговото појавување, е уште еден повод за потсетување на овој македонски филмски класик
Сузан Сонтаг во есеите посветени на фотографијата вели дека фотографирањето, во суштина, е чин на неинтервенирање. „Избрав страна. Мојот фотоапарат уби човек…“, вели фотографот Александар Кирков во филмот на Манчевски, на почетокот на неговиот пат на искупување за тој грев на „смртоносна рамнодушност“ кој е инспириран од вистинска егзекуција на заробеник за време на војната во Босна и Харцеговина, пишува „Вистиномер“.
Во продолжение ви го пренесуваме целиот текст во целост:
Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември во Филхармонијата по повод 30-годишнината од неговото појавување, е уште еден повод за потсетување на овој македонски филмски класик. Филмот во режија и по сценарио на Милчо Манчевски во септември 1994 година го освои „Златниот лав“ на Венецискиот филмски фестивал, како и уште 9 други награди на Фестивалот, а со долговечното прикажување и бројните награди и признанија низ целиот свет со право го носи епитетот дека е филм што „ја ставил Македонија на мапата на светот“.
Во изминативе три децении „Пред дождот“ стана дел од светското културно наследство, беше избран, меѓу останатото, и во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“, како и на вечната листа на „Њујорк тајмс“, кој го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата на филмот. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици, снимени се неколку илјади прилози емитувани на радио и на телевизиските мрежи низ светот, генерирал десетина илјади референци на Интернет…
„Пред дождот“ со неговата сторија во три дела, насловени како „Зборови“, „Лица“ и „Слики“, кои се преплетуваат и начин на реализација во тн. „кубистички манир“ секако дека повторно нуди нови агли на гледање. За ова издание на рубриката „Филмски факт“ се одлучивме да се потсетиме на вистинскиот настан кој е дел од инспирацијата на авторот, камче во мозаикот на сложената структура на филмот. Приказната го следи фотографот Александар Кирков (Раде Шербеџија), Македонец кој по 16 години успешна кариера во светски рамки, добитник и на „Пулицерова награда“, решава да се врати во родното село. Причина за тоа е, како што вели – поправо, како што пишува во еден мејл на неговиот лаптоп наменет за неговата љубовница и уредничка во фото агенцијата Ен (Кетрин Картлиџ) – убил човек со неговиот фотоапарат. Во третата приказна Александар и ја објаснува навидум неразбирливата причина да ја напушти работата како воен фотограф и зошто му се сменил животот:
…Се спријателив со еден припадник на милицијата и му се пожалив дека немам фатено ништо возбудливо. Тој ми рече: „Нема проблем“, извади еден затвореник од редот и го застрела на самото место. „Го фати ова?“, ме праша. Го фатив. Избрав страна. Мојот фотоапарат уби човек…
Во сцената од третиот дел на филмот ја гледаме визуелизацијата на тој момент. Фотографот Александар ги разгледува црно-белите фотографии што ги снимил, на кои се гледа како припадник на паравоена формација пука во тилот на млад човек.
Тие фотографии не случајно се црно-бели, за разлика од останатиот филм, бидејќи алудираат на документиран настан. Патем, Милчо Манчевски во таа сцена статира како застреланиот човек. Инспирација за таа сцена е една од најпознатите фотографии снимени за време на војната во Босна и Херцеговина. Фотографот Бојан Стојановиќ во мај 1992 година во градот Брчко наводно му платил тогашни 500 германски марки на припадникот на српските (пара)полициски сили Горан Јелисиќ, со прекар Адолф, да убие муслимански затвореник. Всушност, се работи за фотографии во континуитет од истиот настан, кои прикажуваат униформиран човек кој држи автоматски пиштол (тн. скорпион, формациско оружје на полициските и воените сили во некогашна Југославија) в рака, пука во главата на затвореникот кој паѓа, па уште еден истрел во неговата глава.
Фотографот Стојановиќ ја добил престижната награда World Press Photo за таа фотографија, но контроверзната приказна зад неа никогаш не престанала да ги бранува духовите.
Искусниот воен фотограф Срѓан Илиќ, тогашен уредник во агенцијата АП со седиште во Белград, тврдел дека Стојановиќ му платил на Адолф да убие не еден, туку неколку заробени муслимани, за да може да сними „ексклузивни“ фотографии.
Тие двајца (Бојан и Адолф, н. заб.) дојдоа кај мене во АП и ме замолија да им позајмам автомобил, да напишам некоја акредитација, да дадам пари однапред, како и опрема за развивање и испраќање слики, бидејќи ќе донесат „феноменални слики“, дотогаш невидени. Секако дека не им дадов ништо, бидејќи сè изгледаше многу несериозно, раскажувал Илиќ за потребите на книгата со интервјуа „Војна со слики“ на авторката Сандра Витаљиќ, кустос и неуморен историчар на фотографијата на тлото на ексЈугославија.
Илиќ тврдел дека после тоа Бојан се појавил во познатиот ресторанот на Клубот на писателите во Белград со куп испечатени слики од тој настан и зборувал дека „му платиле 500 марки на Адолф за да ги убие тие муслимани“. Меѓутоа, вистината како и секогаш е комплексна. Постојат тврдења дека тоа убиство е инсценирано за да се направат фотографии кои ќе се „продадат“. Каменко Пајиќ, фоторепортер кој снимал за време на војните во некогашна Југославија, нуди поинаква приказна:
Неколку дена по објавувањето на тие фотографии, најпрвин стигна веста дека за извршување на егзекуцијата биле платени неколку стотици германски марки, а набргу потоа Бојан и Срѓан биле уапсени поради ограбување на станот на една баба во Белград. Бев присутен кога Бојан му рече на зачудениот шеф на Ројтерс во Белград: „Ја направив таа кражба, но не сакам да одам во затвор, спасувајте ме“. На почетокот од 1993 година Бојан и Срѓан бегаат преку Бугарија во Амстердам, Холандија, каде што фотографијата од Брчко ја доби наградата World Press Photo, раскажува Пајиќ.
Пајиќ се сеќава дека постоел и сомнеж дека нешто не е в ред со фотографиите, полицаецот и жртвата му делувале како да позираат бидејќи не се гледале нивните лица, снимени се од позади грб и малку откосо. Сепак, на таа серија фотографии се забележувале и телата на други жртви. Воениот фоторепортер Имре Сабо, еден од соговорниците во книгата „Војна со слики“, тврдел дека ги видел инкриминираните фотографии од Брчко кога биле развивани во темна комора, дека биле 20-тина на број и биле снимени со широкоаголен објектив, па верува дека егзекуцијата на затвореникот за потребите на фотографот навистина била извршена. Сабо уште додал дека слушал гласини за хероинската зависност на Стојановиќ откако емигрирал некаде во Западна Европа… Фотографираното убиство во Брчко е внимателно – секако и креативно – реконструирано во „Пред дождот“. Во сцената исто забележуваме серија фотографии од егзекуција, а оружјето користено како реквизит е автоматски пиштол скорпион. Во есејот посветен на „Пред дождот“, насловен „Теорија на сликата“, теоретичарката Ен Киби, посочувајќи го овој дел, заклучува:
Фактите се создаваат, а не се фотографираат како веќе готови и постојни. Додека Александар ги разгледува неговите фотографии во след, на кои се покажува како затвореникот е застрелан, но не е сè уште мртов, како паѓа, а сè уште не е паднат – конечно му станува јасно. Наводниот неутрален чин на Александар на забележување, на сликање слика, му го отстапува местото на препознавањето од негова страна дека овие фотографии ги има создадено една смртоносна рамнодушност која жеднее за „нешто возбудливо“.
Сузан Сонтаг, американска писателка, филозоф и активистка, во нејзината книга есеи „За фотографијата“ од 1977 година (која се смета за една од највлијателните во теоријата на овој медиум), вели дека „секој чин на фотографирање е акт на агресија“. Тоа како аксиом се потврдува и во посочениот случај со вистинскиот настан од Брчко (дури и на перверзен начин), и во обликувањето на драмскиот лик, воениот фотограф Александар Кирков. Од друга страна, полемиките околу инсценацијата на фотографиите (stage photography) се водат речиси цел век. Кога будимпештанскиот Евреин Андре Фридман, по низа почетнички падови во кариерата, како фотограф заминал во Шпанија да ја покрива Шпанската граѓанска војна во 1936 година, „роден“ е Роберт Капа (неговиот нов идентитет) и воена фотографија како жанр. Неговата најпозната фотографија, „Смртта на републиканецот“ (се среќава и по името „Застреланиот војник“ или „Моментот на смртта на лојалистичкиот војник“), иако се смета за еталон (образец) на воената фотографија (но и на фотографската уметност воопшто), во средината на 70-те години беше доведена во прашање заради сомнежите дека била инсценирана, односно лажирана.
Капа ги отфрлал тие инсинуации, тврдејќи дека славната фотографија ја снимил – случајно!
Бев во ровот со дваесетина милицајци (републиканци, н. заб.)… Само некако ја ставив камерата над мојата глава, па дури и не погледнав и кликнав на сликата кога тие се префрлија преку ровот. И тоа беше сè. … Камерата што ја држев над мојата глава само сними еден човек во моментот кога беше застрелан. Тоа беше веројатно најдобрата слика што сум ја направил. Никогаш не ја видов сликата во кадарот бидејќи камерата беше далеку над мојата глава, раскажува Капа.
Неговото професионално мото гласело: „Ако твоите фотографии не се доволно добри, тогаш не си доволно блиску“. Сонтаг во есеите посветени на фотографијата вели дека фотографирањето, во суштина, е чин на неинтервенирање. Би додале, без разлика колку сте блиску до предметот или настанот што го фотографирате. „Избрав страна. Мојот фотоапарат уби човек…“, вели фотографот Кирков во филмот на Манчевски на почетокот на неговиот пат на искупување за тој грев на „смртоносна рамнодушност“.
Извор: МЕТА