Во првото полугодие од 2020 година извршен е поврат на ДДВ кон фирмите од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра, што е за шест проценти повеќе во однос на лани или за 660 милиони денари повеќе, информираат од Министерство за финансии.
Од таму соопштуваат дека ова е највисок поврат на ДДВ за овој период во изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид ковид-19 кризата.
„Споредбено со претходните две години, повратот е значително повисок. Така ако се спореди првото полугодие од 2020 со истиот период во 2018, повратот е повисок за 26 отсто, додека во споредба со 2017 повратот е повисок за високи 44 проценти. Повратот на ДДВ кон фирмите во услови на ковид-19 кризата е од големо значење, заради зачувување на ликвидноста на стопанството, а со тоа и поттикнување и поддршка на економската активност,“ информираат од таму.
Инаку, минатата 2019 година, фирмите добија поврат на ДДВ од 402 милиони евра или за 7,5 отсто повеќе во однос на 2018 година или дури 44 отсто повеќе во однос на 2016 година.