Фирмите за оружје добро заработуваат со војната во Украина

Фирмите за оружје добро заработуваат со војната во Украина

Компаниите за оружје никогаш не заработиле толку многу како во 2024 година, произлегува од извештајот на Меѓународниот институт за мировни истражувања, СИПРИ, за 100-те најголеми компании за оружје во светот. Нивните приходи од продажба на оружје и воени услуги изнесуваат 679 милијарди американски долари за минатата година

Тоа претставува зголемување од 5,9 проценти во однос на 2023-тата, ако се одземе инфлацијата. Растечките геополитички тензии и особено војната во Украина уште тогаш доведоа до зголемена побарувачка на оружје, а во 2024-та ваквиот тренд е забрзан.

Дали тоа значи дека војната во Украина е добра за бизниси?

„За одбранбениот сектор во секој случај“, вели за ДВ Нан Тиан од стокхолмскиот институт СИПРИ, еден од авторите на извештајот. „Во изминатите две години овие компании значително ги зголемија своите приходи“, потенцира Тоан и додава дека била развиена нова воена опрема, залихите биле надополнети, а уништената опрема била заменета.

Германските компании со особено висок пораст

Од 100-те котирани компании, 39 се со седиште во САД. Земјата е убедливо најважната локација за фирми за вооружување, а на 39-те споменати компании отпаѓаат речиси половина од светските приходи од бизнисот со оружје.

Сепак, нивниот пораст од 3,8 проценти е споредбено релативно скромен. Имено, 26-те европски компании (без Русија) имаат вкупно зголемување на приходите од 13 проценти.

Германските компании се особено успешни и успеаја да постигнат зголемување од дури 36 проценти. „Тоа е речиси исклучиво поврзано со руската инвазија на Украина“, вели Нан Тиан. „Има зголемена побарувачка од германскиот Бундесвер. Компании како Рајнметал и Дил произведувале тенкови, оклопни транспортери и муниција за да се замени испратената воена помош за Украина, но и за да се зголемат сопствените залихи“, вели авторот.

Воената економија на Русија им контрира на санкциите

Русија во извештајот на СИПРИ зазема посебно место и не е никакво изненадување што руските производители на оружје бележат значителен пораст. Додека нивните приходи од извоз се намалени поради меѓународните санкции, нагло зголемената домашна побарувачка тоа и тоа како го надополнува.

Киев, Украина 2025 | Станбена зграда по нападот со руски дрон – станар гледа низ уништен прозорец
Станбена зграда во украинскиот главен град Киев по напад со руски дрон, 25.11.2025

Но, Русија е посебен случај, нагласува Нан ​​Тиан.

„Земјата целосно ги промени своите приоритети. Во текот на изминатите три години, нејзината економија и производство се трансформираа во воена економија“, вели авторот.

Сите ресурси се влеваат во војната. На пример, Русија го зголеми своето производство на артилериски гранати од 152 мм за 420 проценти меѓу 2022 и 2024 година, односно од 250 илјади парчиња на 1,3 милиони, стои во извештајот на СИПРИ.

Поради меѓународните санкции, на руската одбранбена индустрија ѝ недостасуваат делови од странство, пред сѐ електроника за воздухоплови. Но, убедувањето дека руската економија ќе пропадне поради тоа е лажно, вели Нан Тиан и додава дека „иако земјата е во многу полоша позиција отколку да не ја нападнеше Украина, бидејќи тогаш немаше да има санкции, Русија се покажа прилично отпорна на санкции и на економски проблеми“. Трансформацијата на руската економија е толку далекусежна што ако се постигне траен мир во Украина, ќе биде тешко да се врати во мирнодопска економија, вели авторот.

Д-р Нан Тиан, експерт на СИПРИ
„Имаме индикации дека остатокот од руската економија страда од недостиг на персонал“ – Нан Тиан

Намалување на приходите во воената индустрија во Кина не значат и повеќе мир

Азија со 23 котирани компании за оружје е на трето место по САД и Европа. Тоа е воедно единствениот регион што бележи пониски приходи отколку во 2023 година. Тука особено кинеските компании забележуваат значителен пад – за десет проценти. Ниту една друга земја во извештајот на СИПРИ не бележи таков пад.

„Но, тоа практично нема никаква врска со мирот во регионот“, вели Нан Тиан. „Ако помислиме на војната во Украина, секако дека повеќе војна значи и поголема побарувачка (за оружје) и со тоа можеби и повисоки приходи, но во случајот на Кина имаше бројни обвинувања за корупција на сметка на кинеските компании“, вели авторот. Тоа довело до сторнирање или одложување на реализацијата на големи договори.

Кина Шангај 2022 | Придбижување на третиот кинески носач на авиони Фуџијан
Придвижување на третиот кинески носач на авиони „Фуџијан“ во 2022 година: Кина продолжува со силното воено јакнење

Компаниите од Блискиот Исток и Турција со висок раст

Компаниите од Блискиот и Средниот Исток пак бележат поголем пораст – 14 проценти. Регионот никогаш претходно немал толку многу компании во годишната статистика на СИПРИ, имено 9. Само во Израел имаат седиште три од нив. Особено беспилотни летала и системите за противвоздушна одбрана се особено на цена.

Во овој регион спаѓа и Турција, која повторно оствари високи приходи. Фирмата Бајкар, производител на борбениот и извидувачки дрон Бајрактар, сепак не можеше и во 2024 година да ги достигне високите цифри на извоз во Украина.

Најважните компании со седиште во САД

Петте најважни компании за оружје во светот, според СИПРИ, се Локхид Мартин (на пр., борбени авиони Ф-35), РТХ (порано Рејтон Текнолоџис, мотори за авиони и дронови), Нортроп Груман (ракети со долг дострел), БАЕ системс и Џенерал Дајнамикс (меѓу другото нуклеарни подморници и наведувачки ракети). Со исклучок на британската компанија БАЕ Системс, сите други се со седиште во САД.

Ова е првпат од 2017 година компанија која не е со седиште во САД да се појави меѓу петте најважни компании за оружје на светот. За споредба – воениот огранок на европскиот конзорциум Ербас е на 13-то место меѓу 100-те најважни компании, а германската фирма Рајнметал се најде на 20-тото место.

Германските компании во подем: Рајнметал, Дил, Хензолт, Тисенкруп

Во 2024 година, четири од овие 100 компании имаа седиште во Германија, односно Рајнметал, Тисенкруп, Хензолт и Дил. Заедно, тие остварија приходи од 14,9 милијарди долари.

Производство на тенкови во Рајнметал
Производство на тенкови во Рајнметал: значителни стапки на раст кај германските компании за оружје

Војната во Украина резултираше со значителни нарачки, особено за фирмата Дил, за копнени одбранбени системи за Украина. Нарачката за артилериски гранати од 155 мм за германската војска е најголемата нарачка на муниција во историјата на компанијата.

Рајнметал забележа зголемување од 47 проценти на приходите преку продажба на тенкови, оклопни возила и муниција.

КНДС, француско-германскиот конзорциум на производители на тенкови Краус Мафај, Вегман и Некстер, е рангиран на 42-ро место. И оваа заедничка инвестиција доживеа пораст. Бројот на нарачки значително повеќе е зголемен од приходите, 40 наспроти 14 проценти. И тука, војната во Украина и заканата од Русија доведоа до полни книги со нарачки.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

СДСМ: Прикривање и молк за смрт на бебе - директорката на ГАК веднаш да поднесе оставка

СДСМ: Прикривање и молк за смрт на бебе – директорката на ГАК веднаш да поднесе оставка

Изјава за медиуми на Елена Радеска, Комисија за здравство на СДСМ Денеска со огорченост стоиме …