(Фото и Видео) Чиј проект е новата детска градинка во населбата „Точила“ во Прилеп?

(Фото и Видео) Чиј проект е новата детска градинка во населбата „Точила“ во Прилеп?

За време на неговата неодамнешна посета на Прилеп, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјавата дадена пред новата детска градинка во населбата „Точила“, рече дека во градот се случувала „градежна офанзива“ и дека актуелниот градоначалник и неговиот тим работеле на реализација на ветените проекти. Притоа, со ниту еден збор, ниту Мицкоски ниту градоначалникот Јовчески не спомнаа кој и кога ја започна изградбата на градинката, ниту пак кога таа требаше да биде завршена и предадена во употреба.

За таа цел, го пренесуваме текстот кој на 02.04.2021 година беше објавен на веб страната на Општина Прилеп. Во прилогот кој го објавуваме, користени се и фотографии од истиот настан одржан на 02.04.2021 година, кои се објавени на веб страната на Владата на РСМ.

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, во присуство и на други функционери од локалната и централната власт, денеска го означија стартот на градежните работи за изградба на новата детска градинка во прилепската населба.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Јованоски истакна дека за прв пат после 40 години, на површина од 5.030 м2, започнува да се гради нова детска градинка во општина Прилеп, со капацитет за згрижување на 252 деца, со што се исполнува дадениот збор пред граѓаните и трајно се решава проблемот за згрижување на деца во прилепските градинки.

„Станува збор за изградба на објект од капитално значење за градот, според сите европски и светски стандарди за квалитетен ран детски развој и за кој општина Прилеп издвои 133 милиони денари од сопствениот буџет.Објектот е проектиран да има приземје и кат, партерно уредување, функционално поделен на два дела, од кои едниот дел со 10 простории за занимални и 3 за детски јасли, а другиот дел во кој ќе бидат сместени стручниот кадар и администрацијата. Покрај партерното уредување, од особена важност е тоа што покривот е предвиден како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Зелениот покрив овозможува одлична изолација преку целата година и заштеда на енергија. На покривната тераса ќе има сончеви колектори и фотоволтаична постројка за производство на електрична енергија за потребите на самата градинка, а ќе биде инсталирана и воздушна топлотна пумпа, со што значително ќе се намалат трошоците за греење и ладење. Објектот ќе има централно подно греење и ќе ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност“, изјави градоначалникот Јованоски.

Премиерот Зоран Заев го потенцираше фактот дека, после толку многу години, токму во Прилеп се гради еден од најубавите и најголемите објекти за згрижување на деца во земјата.

„Сакам да издвојам за мене една особено важна карактеристика на проектот, а тоа е дека градинката е проектирана да ги исполни сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со  А+ енергетска класа. За објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација, бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас. Ова го нагласувам и заради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка“, изјави премиерот Заев, истовремено упатувајќи честитки до општината и до граѓаните на Прилеп за изградбата на овој значаен објект за иднината на децата.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …