Франција меѓу ученички протести и буџетски кратења

Франција меѓу ученички протести и буџетски кратења

Францускиот премиер Себастиjaн Лекорну веројатно немаше мирен викенд. Веќе речиси две недели учениците во Франција протестираат поради честото отпаѓање на наставата, пренатрупаните училници и дотраените училишни згради. Во меѓувреме, протестите се засенети од големи безредија.

Истовремено, владата ја обвинува левичарската партија Непокорна Франција (La France insoumise – LFI) дека политички ги инструментализира протестите и ги поттикнува блокадите. Во петокот (2.10) министерот за образование Едуар Жефре се обиде да ја смири ситуацијата со средба со претставници на учениците, но без успех.

Наместо тоа, за денеска (6.10) е најавен национален ден на протести.

Во неделата вечерта премиерот лично ја презеде иницијативата околу кризата. Во писмо до повеќе министри, Лекорну побара конкретни предлози: наставните часови што се губат побрзо да се надоместуваат, училишните згради да се приспособат на сè потоплите лета, а контроверзната постапка за запишување на универзитетите „Паркурсуп“ да стане потранспарентна.

Првите одлуки, заедно со финансиската рамка и временскиот план за спроведување, треба да бидат донесени уште во текот на октомври. Проблемот е што блискиот соработник на претседателот Емануел Макрон мора да им вети повеќе државна поддршка на младите во момент кога неговата влада воведува политика на штедење.

Сигнал до финансиските пазари

Минатиот четврток владата го достави предлог-буџетот за 2027 година до парламентот. Целта е државниот дефицит да се намали од очекуваните 5,4 проценти од брутодомашниот производ оваа година на пет проценти во 2027 година.

За тоа се предвидени милијарди евра заштеди и дополнителни приходи. Франција веќе е предмет на постапка на ЕУ поради прекумерен дефицит и треба повторно да го приближи буџетскиот дефицит кон европската граница од три проценти.

„Ова е буџет на штедење“, вели Ајлин Келер од Германско-францускиот институт (ДФИ) во Лудвигсбург. Според неа, предлогот истовремено претставува сигнал кон финансиските пазари. Владата сака да покаже „дека ја сфаќа својата одговорност“ и дека има план за намалување на дефицитот.

Нема мнозинство за буџетот

Владата планира да штеди во државната администрација, локалните власти и социјалниот сектор. Вкупно, Париз сака да го намали товарот на буџетот за околу 54 милијарди евра во однос на досегашната динамика на трошење.

Само кај пензиите се предвидени заштеди од околу 5,5 милијарди евра, а кратења се планирани и во здравствениот сектор.

Сепак, останува неизвесно дали буџетот воопшто ќе биде усвоен во оваа форма. Владата на Лекорну нема сопствено мнозинство во парламентот и зависи од гласовите на опозицијата. Но, пред претседателските избори напролет, буџетот базиран на штедење е уште помалку привлечен за опозициските партии.

Повеќе пари за училиштата, но протестите продолжуваат

Парадоксално, токму образованието покажува дека проблемите во Франција не можат едноставно да се сведат на тврдењето дека „државата штеди премногу“. Буџетот за образование треба да порасне за околу 1,2 милијарди евра во 2027 година. Во исто време, владата очекува до 2035 година бројот на ученици да се намали за околу 1,7 милиони.

Според Келер, оваа противречност покажува дека парите се само дел од проблемот. Незадоволството се однесува и на поставувањето на приоритетите и на основната насока на образовниот систем, вклучително и преминот од средното образование кон високото образование.

Финансирањето станува сè поскапо

На овие проблеми во Франција се надоврзува уште еден фактор: финансиските пазари. Франција долго време беше навикната да ги финансира високите долгови по релативно ниски каматни стапки. Но, тој период заврши.

Приносот на десетгодишните француски државни обврзници значително порасна. Разликата во каматите во однос на германските државни обврзници привремено достигна околу 1,5 проценти, што е највисоко ниво од должничката криза во еврозоната во 2011 година.

Економскиот весник „Лез Еко“ во понеделникот напиша дека земјата се наоѓа во „окото на циклонот“.

Скепсата на пазарите ја погодува Франција во особено чувствителен момент. Со долг од околу 119 проценти од економското постигнување, земјата е речиси двојно позадолжена од Германија, каде што односот изнесува околу 64 проценти.

Постепено, старите државни обврзници издадени по многу ниски каматни стапки мора да се заменуваат со нови и поскапи. Последиците јасно се гледаат во буџетот за 2027 година.

Со околу 74 милијарди евра издвоени за камати, државата ќе троши повеќе за сервисирање на долгот отколку за образованието или одбраната. Според министерот за финансии Ролан Лескир, плаќањата за камати веќе сочинуваат повеќе од половина од целокупниот буџетски дефицит.

За Келер затоа е клучно Франција и натаму да биде перципирана како „кредибилен должник“ од страна на инвеститорите. Таа кредибилност, според неа, веќе не зависи само од економските показатели.

Изборна кампања под будно око на пазарите

Во пролетта 2027 година Французите ќе избираат нов претседател. „Изборната кампања, која сега добива на интензитет, е под надзор на финансиските пазари“, вели Келер.

Во анализа изработена за ДФИ, таа проценува дека потребата од фискална консолидација изнесува меѓу 75 и 160 милијарди евра, зависно од начинот на пресметка.

Од перспектива на пазарите, политички консензус за потребата од консолидација би бил корисен. Но, таква јасност засега нема. Наместо тоа, прашањето како ќе се распределуваат идните товари најверојатно ќе стане едно од централните спорни прашања во изборната кампања.

Француски проблем со европска димензија

Франција е особено изразен пример, но слични дебати во моментов се водат и во многу други европски држави. Европа сака да троши повеќе за одбрана, да ја модернизира инфраструктурата и да инвестира во енергетската транзиција. Во исто време, очекувањата на граѓаните во однос на образованието, пензиите и здравството не се намалуваат.

Во Франција овој судир на интереси во моментов може речиси да се следи во реално време. Не станува збор само за тоа дали владата ќе најде одговор на барањата на младите, туку и дали ќе успее да спречи натамошна ескалација на насилството.

Во Париз со загриженост се следи можноста за појава на ново широко социјално движење, слично на некогашното движење на „Жолтите елеци“. За премиерот Себастијан Лекорну, претстојните денови ќе претставуваат сериозен тест за политичката издржливост.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Шокантно сведоштво на мајката на претепаното девојче од Охрид: „Го прашуваше татко му дали да ја фрли во провалија“

Шокантно сведоштво на мајката на претепаното девојче од Охрид: „Го прашуваше татко му дали да ја фрли во провалија“

Ирена Ѓорѓиеска, мајка на претепаното девојче од Охрид кое сè уште се наоѓа на болничко …