„Фридом хаус“: Македонија е „делумно слободна“ земја – треба да се следи оваа година

Македонија е „делумно слободна“ земја, констатира американската невладина организација „Фридом хаус“ во својот најнов извештај за слободата во светот во 2018 година.

Македонија е рангирана меѓу земјите кои треба да се следат оваа година, односно држави кои најверојатно се приближуваат до важни пресвртни моменти во нивниот демократски пат, и поради тоа заслужуваат посебно внимание во текот на оваа година.

„Демократски избраната, етнички инклузивна влада се обидува да ја искорени корупцијата и останатите системски злоупотреби кои се засилија за време на нејзиниот склон на скандали претходник, а дури може да го реши и „спорот за името“ со Грција што го попречува патот на земјата за членство во Европската Унија“, стои во извештајот.

Покрај Македонија, како делумно слободни земји од регионот се оценети и Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Србија, Хрватска, Бугарија и Грција се во редот на држави чии граѓани уживаат слобода.

Сепак, во извештајот се наведува дека настаните на Западен Балкан укажуваат на потребата од постојан ангажман во регионот на големите демократии.

„Во Македонија посредништвото од Вашингтон и Брисел помогна за решевање на долгогодишната политичка криза, трасирајќи го патот за нова, демократски избрана влада. Но во Србија толерирањето на авторитарните тенденции на премиерот Александар Вучиќ од страна на ‘лидерите на ЕУ’ овозможи тој понатаму да ја маргинализира опозицијата и да го поткопа она што постана од независните медиуми по неговата победа на претседателските избори во април“, се наведува во извештајот на „Фридом хаус“.

Инаку, според извештајот од 195 држави, 49 се „не слободни“, 58 се „делумно слободни“ и 88 се „слободни“.

Меѓу неслободните држави, 12 имаат помалку од 10 поени на скала од 100 поени при рангирањето на политичките права и граѓанските слободи.

Во извештајот се констатира дека демократските вредности, особено правото за слободни и фер избори, слободата на медиумите и владеењето на правото, се под закана низ целиот свет, а според авторите Русија и Кина активно го шират своето антидемократско и автократско влијание во светот.

– Додека Соединетите Американски Држави и други демократски моќни држави се соочуваат со домашни проблеми и конфликти за приоритети во надворешните политики, првите светски автократи – Русија и Кина – продолжија да напредуваат. Москва и Пекинг се убедени дека демократијата е закана за нивните опресивни режими и работат постојано за да ги потценуваат демократските институции и да ги уништат демократски принципи, стои во извештајот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

На младите им треба психолошка поддршка, која нема да трае само 15 минути

Менталното здравје е грижа за себе, грижа за градење на сопствените капацитети. Она што недостасува …